Стотици граѓани од Македонија биле измамени со ветувања за лесна и брза заработка преку интернет преку вложување пари во лажна инвестициска платформа на која им биле гарантирани добивки што никогаш не ги добиле. Дел од нив останале без своите заштеди, а иако досега само петмина ја пријавиле измамата во полиција, финансиските извештаи покажале дека бројот на оштетени е многу поголем.
За измамата, која се случувала од декември минатата до април годинава, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против 56-годишната М.К. од Битола и А.С. (38) од Естонија, поради сомнение за сторена измама.
Според МВР, двајцата преку мобилна апликација и канал со неколку стотици претплатници ги убедувале граѓаните да вложуваат пари на интернет-платформа, ветувајќи им добивки кои не се реализирале. На тој начин, според полицијата, биле оштетени стотици граѓани од целата држава, иако само петмина досега поднеле пријави.
– Беше спроведена повеќемесечна истрага во која беа вклучени повеќе домашни и странски институции и беа разменети информации, што резултитраше со откривање на идентитетот на сторителите. Исто така, во рамки на истрагата, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика изврши информативен разговор со првопријавената, одзеде електронски уреди кои ги користела за остварување пишана комуникација преку апликацијата, а со форензичката анализа на екстрахираните податоци од одземените уреди, докажано е кривичното дело за кое е поднесена кривичната пријава, соопштија од МВР
Преку анализа на трансакциите со криптовалути, истражителите обезбедиле информации за лицето кое управувало со дигиталниот паричник на кој биле префрлани парите.
Од Секторот за компјутерски криминал предупредуваат дека ваквите измами стануваат сè почести. Измамниците преку социјалните мрежи, лажни профили, мобилни апликации и телефонски повици нудат инвестирање во криптовалути, ветувајќи високи и сигурни добивки. Притоа, граѓаните ги насочуваат да уплаќаат пари на интернет-платформи кои можат да изгледаат целосно легитимно, но зад кои стои измама. Полицијата апелира граѓаните да не веруваат во ветувања за лесна заработка и да бидат особено внимателни кога некој им нуди сигурен и висок принос од вложени пари.
Како функционираат ваквите измами и на кој начин граѓаните се вовлекуваат во нив, покажуваат и примери од странство. Луѓето најчесто не се свесни дека се измамени сè додека не се обидат да си ги вратат парите.
Според австралиската институција за предупредување од интернет измами, измамниците понекогаш додаваат луѓе во WhatsApp-групи на теми што на прв поглед немаат врска со инвестиции, како риболов или спорт. Откако ќе се создаде доверба, во групата се појавува лице кое се претставува како професор или инвестициски експерт. Другите членови објавуваат лажни сведоштва и фотографии од наводни добивки. Потоа се нуди пристап до инвестициска платформа. На сметката на корисникот се прикажуваат добивки, а понекогаш му се дозволува да повлече и помала сума, за да биде охрабрен да вложи повеќе. Проблемот настанува кога ќе побара да ги повлече поголемите средства – тогаш му бараат дополнителни даноци и провизии или целосно му го блокираат пристапот.(П.А.)












