Продажните цени на производите што ги пласираат домашните производители на домашниот пазар во септември биле за 0,6 отсто повисоки во споредба со август. На годишно ниво, најголем раст е забележан кај енергијата, додека поскапување има и кај храната, пијалаците и кај тутунските производи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
На месечно ниво, цените на енергијата се зголемиле за 1,1 отсто, а интермедијарните производи, односно суровините и материјалите за производство, за 0,9 отсто. Кај нетрајните производи за широка потрошувачка е регистриран раст од 0,2 отсто.
На годишно ниво, енергијата бележи најголемо поскапување од 9,5 отсто. Цените на трајните производи за широка потрошувачка се повисоки за 4,7 отсто, на суровините и на материјалите за 3,6 отсто, а на нетрајните производи за 3,2 отсто.
Во преработувачката индустрија, продажните цени во септември биле за 3,3 отсто повисоки во споредба со тој месец лани. Кај производството на храна, растот изнесува 2,1 отсто, кај пијалаците 4,6 отсто, додека кај тутунските производи достигнува 11,1 отсто.
Позначително поскапување е забележано и кај производството на моторни возила, приколки и полуприколки, со раст од 10,3 отсто, како и кај електричната опрема и кај другите неметални минерални производи, каде што се повисоки цените за по 6 проценти.
Овие податоци се однесуваат на продажните цени кај производителите, а не директно на цените во продавниците. Сепак, нивниот раст може да ги зголеми производствените трошоци и да создаде дополнителен притисок врз крајните цени што ги плаќаат граѓаните.












