За нешто повеќе од дваесетина дена, две средби со највлијателните патријарси во православието – вселенскиот Вартоломеј и рускиот Кирил. Ова е неодамнешната и идна агенда на дебарско-кичевскиот владика, Георгиј, кој има најмал, шеснаесетмесечен митрополитски стаж, што очигледно укажува на тоа дека станува достоинственик за значајни црковни задачи. Средбата со вселенскиот патријарх, Вартоломеј, во Рим, без оглед на тоа што била кратка и дали била случајна и однапред договорена, сепак, отвори надеж дека тоа ќе значи почеток на кршењето на тригодишниот мраз меѓу МПЦ-ОА и Фанар. Односно дека ќе значи обновување на речиси запрената комуникација околу издавањето на томосот за нашата автокефалност. Од друга страна, Светиот синод на нашата Црква завчера токму него го определи како водач на нашата црковна делегација што ќе се појави на 20 ноември во Москва, на прославата на 80. роденден на рускиот патријарх, Кирил. Пораката што ја испраќа македонскиот црковен врв со ова е првенствено желба за одржување на добрите односи со Руската православна црква, која ја признава нашата автокефалност, а што нашите владици, како своја благодарност, го потврдија со низа свои потези и одлуки, меѓу кои некои беа мошне дискутабилни во јавноста. Учеството на прославата се случува во период кога Московската патријаршија има силен судир и прекин на односите со Вселенската патријаршија, кога практично е изолирана од најголем дел од православните цркви поради своето благословување на руската агресија врз Украина. Но, и во период кога македонските владици треба да го „опипаат пулсот“ на рускиот црковен врв околу нашето евентуално обновување на преговорите со Вселенската патријаршија за нејзиното издавање томос за нашата автокефалност во ситуација кога црковна Москва смета дека нашата автокефалност е затворено прашање. Слично на ставот кој го имаат дел од владиците во македонскиот Синод, но кој е спротивен на оние што сметаат дека не е завршена и целосна автокефалноста, бидејќи недостига томосот од вселенскиот патријарх, Вартоломеј.
Ова е сериозна задача за секој црковен достоинственик, па ќе биде и за митрополитот Георгиј, кој сега добива сè посериозни задачи кога станува збор за водењето на надворешната политика на МПЦ-ОА. Средбата со вселенскиот патријарх, Вартоломеј, претстојната со патријархот Кирил. Сè уште не е познато дали ќе се случи во Москва и негова директна средба со водачот на РПЦ, за чиј роденден се организираат бројни манифестации, меѓу кои се најзначајни големиот централен православен собир и официјалните приеми. Но, извесно, престојот ќе значи собирање важни искуства и запознавање во ситуација кога се наоѓа МПЦ-ОА речиси во средина на фронтовската линија меѓу Москва и Цариград. Некој во Светиот синод на МПЦ-ОА, очигледно, сметал дека сега е вистинското време во таква мисија да се испрати владиката Георгиј. Со ова се согласуваат и верските аналитичари, кои сметаат дека не е случаен изборот.
– Владиката Георгиј е близок човек на архиепископот Стефан, тој долги години беше шеф на неговиот кабинет, а имаше и други значајни позиции во МПЦ. Како близок соработник на поглаварот, сигурно учествувал како советник во решавањето на многу проблеми и во заземањето ставови за одредени прашања. Има и дипломатско, амбасадорско искуство во Ватикан и исклучително добри односи со Католичката црква. Тој е и одличен теолог, кој извонредно го познава Стариот завет. Сето тоа е искуство што, мислам, го нема ниту еден друг наша архијереј. Ова е особено важно во овој период во кој се наоѓа нашата Црква. МПЦ-ОА не е црква што може да избира меѓу Москва и Цариград, туку таа мора да го одржи својот статус и да ги искористи можностите за своја афирмација. Тој спор меѓу Москва и Фанар не му е од корист на православието. Вартоломеј, со тоа што сака да ја вклучи БПЦ како поседник, покажа волја за намалување на тензиите, а МПЦ, во однос на ова, може да придонесе и со оваа мисија на Георгиј, кој може да биде дополнителен фактор за намалување на тензиите – вели за весникот ВЕЧЕР аналитичарот Цане Мојановски, додавајќи дека на страната на нашиот владика се и смиреноста и соодветната интерпретација на состојбите.
Важниот ангажман на најмладиот владика по стаж доаѓа во ситуација кога водењето на надворешните црковни односи се наоѓа во рацете на преспанско-пелагонискиот митрополит, Петар, кој лани беше во посета на РПЦ, која имаше приватен карактер. Од неодамна, владиката Петар не е член на потесниот состав на Синодот, по основ на истекот на мандатот.
Сега многу ќе биде важно какви пораки ќе добие македонскиот митрополит во Москва. МПЦ-ОА сè уште ја спроведува одлуката со која не ја признава Православната црква на Украина, која го доби томосот од вселенскиот патријарх, Вартоломеј. Повлекувањето на тоа непризнавање стана услов што го постави Вселенската патријаршија, покрај другите, пред македонските владици, но кои не се прифаќаат од наша страна. Според аналитичарот Мојановски, важно е да се комуницира со сите страни во православието.
– Важно е црковната ерархија на МПЦ да остварува комуникација и со ВП, и со Москва, и со сите други православни цркви и со тоа да си го најде местото во православната екумена. Мора да се користат сите можности без оглед на тоа дали резултатот на крајот ќе биде според нашите очекувања. Позитивно гледам на фактот што владиката Георгиј се сретна со патријархот Вартоломеј и во ситуација кога имаме речиси тригодишен застој во комуникацијата околу томосот. Нашата автокефалност сè уште не е завршена и треба да се работи на тоа. Средбата во Рим, сепак, покажува дека не сме ја заборавиле нивната одлука со која станавме канонска црква по 55-годишната изолација. Цариград е сигурно свесен дека има многу емоции кај нас околу нивните барања и дека е тешко да се повлечат вистински потези во такви услови – потенцира аналитичарот Цане Мојановски во изјава за весникот ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)












