петок, октомври 30, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Сведок на обвинителството за „Лотарија“: Бајрами се обраќаше за Груби како за...

Сведок на обвинителството за „Лотарија“: Бајрами се обраќаше за Груби како за „шефот“

16

Со сослушување на сведокот Андреј Крстевски, советник за имплементирање проекти во АД „Државна лотарија“, денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој обвинети се Артан Груби, Перпарим Бајрами и уште шест лица.

Крстевски, кој бил член на Управниот и Надзорниот одбор, а во одреден период и заменик-директор, сведочеше за начинот на донесување одлуки и набавката на ВЛТ терминалите.

Тој посочи дека во времето кога Катица Николова Прнакова била генерален директор, а Бајрами нејзин заменик, одлуките биле дополнително образложувани, додека подоцна членовите можеле да се консултираат со правната служба.

За набавката на ВЛТ терминалите, Крстевски рече дека бил информиран лично од Бајрами.

„За набавката на ВЛТ терминалите директорот Перпарим Бајрами ме повика во неговиот кабинет каде што ми беше претставена идејата. Сметам дека ние како членови на Управниот одбор требаше да се изјасниме по оваа точка“, изјави сведокот.

Тој додаде дека за спроведената постапка дознал по нејзиното завршување, од членовите на комисиите задолжени за постапката. За тоа каде се терминалите, рече:

„Мислам дека не беа ставени во функција, се чекаше за нивни решенија, беа ставени во некој наш магацин“.

Во врска со односите меѓу Бајрами и Груби, Крстевски посочи дека биле пријатели, доаѓале од иста политичка партија и заедно учествувале на партиски собири. Според него, Бајрами за Груби се обраќал како за „шефот“.

Во вкрстеното испрашување од Бајрами, сведокот потврди дека членовите на Управниот одбор при одлучувањето се потпирале на мислењата и насоките од правната и финансиската служба. Потврди и дека поранешната директорка имала блиски релации со „Казино Австрија“.

ИЗДВОЕНИ