Во првите три месеци од 2026 година, железничкиот товарен сообраќај забележал раст од 23 % кај превезената стока и 18 % кај финансиските резултати, што, според надлежните, претставува еден од најдобрите квартални резултати во последниот повеќегодишен период и сигнал дека карго превозот оди во нагорна линија

 

Железничкиот товарен сообраќај во Македонија влегува во фаза на забрзано закрепнување, покажуваат последните податоци за работењето на ЈП „МЖ Транспорт“, според кои во првите три месеци од 2026 година е регистриран раст од 23 % кај превезената стока и 18 % зголемување на финансиските резултати. Овие бројки, како што соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, се меѓу најдобрите квартални остварувања во последниот повеќегодишен период и укажуваат на засилена динамика во карго сегментот.

Податоците од Државниот завод за статистика и секторските извештаи за железничкиот транспорт покажуваат дека во последните пет години секторот поминал низ изразени фази на пад, стагнација и постепено закрепнување. Во 2020 година, под влијание на пандемијата, железничкиот карго сообраќај забележал пад од околу 15-20 % на годишно ниво, додека во 2021 година следувало само делумно закрепнување со раст што не го достигнува нивото од пред кризата. Во 2022 година, состојбата останала релативно стабилна, со минимални промени во обемот на превоз, без значителен структурен раст.

Во 2023 година повторно се забележал негативен тренд, при што во одделни квартали товарниот железнички превоз бележел пад и над 30 % во однос на тој период претходната година, што се поврзува со намалената индустриска активност и со пренасочувањето на дел од товарните текови кон патниот транспорт. Овој период се оценува како еден од најслабите во последниот петгодишен циклус за железничкиот карго сектор.

Пресврт во трендот се регистрира во 2024 година, кога последните квартали донеле силен скок во товарниот железнички превоз, со раст од над 70 % на годишно ниво во одредени периоди, што укажува на нагло зголемување на побарувачката и на подобра искористеност на капацитетите. Во текот на 2025 година, овој тренд се стабилизирал, со континуирано зголемување на обемот на превоз и со постепено враќање на довербата кај индустриските корисници на железничкиот транспорт.

Растот од 23 % кај превезената стока и 18 % кај финансиските резултати во првиот квартал од 2026 година, според Николоски, се оценува како продолжение на започнатиот циклус на закрепнување, но и како најсилен квартален сигнал за стабилизација на секторот во последните години. Дополнителен импулс за развојот, според Николоски, ќе даде пуштањето во функција на железничката обиколница Миладиновци – Драчево, која ќе овозможи пренасочување на товарните композиции надвор од централното градско подрачје на Скопје, намалување на урбаното оптоварување и побрз транзит покрај Коридорот 10.

– Обиколницата и новите инвестиции во возниот парк и во карго локомотиви се дел од стратегијата за зголемување на конкурентноста на железничкиот товарен транспорт и негово позиционирање како клучна алтернатива во регионалните логистички текови кон Србија, Унгарија и Централна Европа. Со изградбата на брзата пруга, од есен дополнително ќе се зајакне оваа позиција – истакна Николоски.

Според него, Македонија има стратешка шанса повторно да се позиционира како значајна транспортна маршрута на Балканот.

– Од есен започнуваме со брзата пруга и мислам дека имаме голема компаративна предност. Ништо не е случајно. Овој четврток, на 18 јуни, во Солун ќе имаме средба на највисоко ниво од Македонија, Грција, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Хрватска. Таму ќе биде и комесарот за транспорт и мобилност и уште еднаш ќе го реафирмираме инвестирањето во Коридорот 10 – нагласи Николоски.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ