Со новата регулатива, Европската Унија испраќа јасна порака дека времето на неконтролирана употреба на пластичната амбалажа полека завршува. За угостителскиот сектор тоа значи нови стандарди и нов начин на работење, а за животната средина можност да се намали еден од најголемите загадувачи на денешницата и да се создадат услови за поодржлива иднина. Иако пластичната амбалажа сѐ уште е широко присутна на македонскиот пазар, институциите и компаниите се соочуваат со сѐ поголем притисок да инвестираат во рециклирање, повторна употреба на материјалите и воведување поодржливи решенија за пакување.

 

Додека милиони пластични чаши, кутии, кеси и шишиња секојдневно завршуваат во кантите за отпад, сè погласни се предупредувањата дека вистинската цена на пластичната амбалажа не се мери во денари или евра, туку во последиците врз животната средина и здравјето на луѓето, а најновите мерки на Европската Унија покажуваат дека институциите сè посериозно пристапуваат кон решавање на овој проблем.

Од август годинава, во сила стапуваат строги правила за користење на пластичната амбалажа за еднократна употреба во угостителскиот сектор, со што рестораните, кафулињата и хотелите ширум Европа ќе се соочат со нови обврски насочени кон намалување на пластичниот отпад и заштита на животната средина.

Новата Уредба за амбалажа и амбалажен отпад воведува унифицирани и обврзувачки правила за сите земји членки на Европската Унија. Овие правила не се обврзувачки за во Македонија бидејќи сè уште не сме членка на големото европско семејство.

За разлика од досегашната практика, кога секоја држава самостојно ги уредуваше прашањата поврзани со амбалажниот отпад во рамките на општите европски насоки, отсега регулативата предвидува единствен пристап во борбата против загадувањето. Целта е значително да се намали количеството отпад што секојдневно се создава преку пластичните чаши, кутии, прибор за јадење, кеси и останати пакувања кои најчесто се користат само еднаш, а потоа завршуваат на депонии или во природата.

Покрај ограничувањето на пластичната амбалажа за еднократна употреба, новата регулатива носи и дополнителни мерки кои директно влијаат врз угостителството и прехранбената индустрија. Една од најзначајните е целосната забрана на таканаречените „вечни хемикалии“ во пакувањата за храна. Станува збор за супстанции кои исклучително тешко се разградуваат во природата и можат да се акумулираат во човечкиот организам. Научните истражувања со години предупредуваат дека овие соединенија можат да предизвикаат сериозни здравствени последици, поради што европските власти одлучија да воведат построги стандарди за материјалите кои доаѓаат во контакт со храната и пијалаците.

Дополнително, регулативата предвидува ограничување на големината на пакувањата, односно забрана за користење амбалажа која содржи повеќе од 50 проценти празен простор. Со оваа мерка се настојува да се намали непотребното трошење материјали и да се спречи практиката на користење преголеми кутии и пакувања кои создаваат дополнителен отпад и непотребни трошоци во транспортот и дистрибуцијата.

Следната фаза од реформата ќе започне во февруари наредната година, кога сите угостителски објекти во Европската Унија ќе бидат законски обврзани да им дозволат на гостите да донесат сопствени садови и чаши за преземање храна и пијалаци. Оваа мерка се смета за значаен чекор кон намалување на потрошувачката на амбалажа за еднократна употреба и поттикнување култура на повторна употреба на производите.

Пластичната амбалажа останува во употреба, забранети се само обичните пластични кеси

Во Македонија не постои општа забрана за употреба на пластична амбалажа. Законската регулатива дозволува употреба на повеќето видови пластични производи, додека ограничувањата најмногу се однесуваат на пластичните кеси за носење стоки. Според важечките прописи, ПЕТ шишињата што се користат за вода, безалкохолни пијалаци, масло и други производи и понатаму можат слободно да се произведуваат и продаваат. Истото важи и за пластичните чаши за еднократна употреба, пластичниот прибор за јадење, како и различните видови амбалажа за храна, вклучувајќи кутии, садови и фолии.

Сепак, законите предвидуваат обврски за производителите и увозниците на вакви производи во делот на собирањето, рециклирањето и управувањето со отпадот од пакување, со цел да се намали негативното влијание врз животната средина.

Најзначајната мерка во последните години е забраната за обичните пластични кеси за носење стоки. Наместо нив, дозволена е употреба само на одредени биоразградливи кеси кои се наплатуваат. Мерката беше воведена како дел од националните политики за намалување на пластичниот отпад и поттикнување на користење еколошки алтернативи.

Дополнителни ограничувања постојат и во одредени заштитени подрачја, каде што во угостителските објекти е ограничена или забранета употребата на пластично пакување за еднократна употреба.

Еколошките организации со години предупредуваат дека пластичниот отпад претставува сериозен проблем за природата и водните екосистеми, поради што се очекува во иднина законската регулатива постепено да се усогласува со европските стандарди, кои предвидуваат построги мерки за одредени пластични производи за еднократна употреба.

Пластичната амбалажа е еден од најголемите извори на загадување во светот. Голем дел од отпадот не се рециклира, туку завршува во реките, езерата и морињата, каде што постепено се распаѓа на микропластика. Овие микроскопски честички денес се пронаоѓаат во водата што ја пиеме, во храната што ја консумираме и во почвата од која се произведуваат земјоделските култури. Еколошките организации со години предупредуваат дека доколку не се намали производството и употребата на пластика, количините отпад во наредните децении би можеле драматично да се зголемат.

Токму затоа новите европски правила не претставуваат само административна промена, туку обид да се спречи понатамошното загадување на животната средина и да се заштити здравјето на граѓаните. Крајната цел на Европската Унија е до 2030 година значително да се зголеми стапката на рециклирање на отпадот и да се намали количеството пластичен отпад кој секојдневно се создава. Од ЕУ посочуваат дека успехот на оваа политика нема да зависи само од институциите и бизнисите, туку и од подготвеноста на граѓаните да ги променат своите навики преку користење на повеќекратни шишиња, чаши и садови, избегнување пластични кеси и правилно селектирање на отпадот.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ