Претставници на Парламентарното собрание на Советот на Европа од вкупно 23 земји ја поддржаа иницијативата за спроведување истрага за случајот „Сараево Сафари“, односно за воените злосторства извршени за време на опсадата на главниот град на Босна и Херцеговина, а ова тело формално ќе отвори парламентарна истражна постапка.
Како што објави Наша партија (НС), која е дел од владејачката коалиција во Босна и Херцеговина и чија претседателка Сабина Ќудиќ е и делегат во Парламентарното собрание на Советот на Европа, отворањето парламентарна истрага сега го поддржаа и претставници на Обединетото Кралство, Грција, Северна Македонија, Андора, Швајцарија, Белгија, Германија, Италија, Албанија и Данска. Претходно овој месец, претставници на Франција, Шведска, Холандија, Турција, Словачка, Естонија, Литванија, Монако, Украина, Романија го сторија тоа, а од регионот, поддршка дојде од Хрватска, Словенија и Црна Гора.
Претставниците кои ја поддржаа иницијативата за парламентарна истрага за „Сараево Сафари“ се претежно од редовите на европските либерали. Со ова сега се исполнети формалните услови за продолжување на постапката во Парламентарното собрание на Советот на Европа, што треба да доведе до разјаснување на наводите за воени злосторства поврзани со воената опсада на Сараево.
Така, до 7 септември треба да се назначи специјален известувач за овој случај, а потоа би следела подготовката на извештајот, а на крајот може да се очекува усвојување на резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за меѓународни злосторства поврзани со случајот „Сараево Сафари“.
„Ова е значаен индикатор дека постои широка европска подготвеност да се преземе сериозен пристап кон утврдување на фактите за наводите поврзани со меѓународното учество во воените злосторства за време на опсадата на Сараево. Ова е прашање кое ги надминува границите на Босна и Херцеговина и бара соработка на институциите на неколку земји во интерес на правдата, вистината и достоинството на жртвите“, изјавија од Наша партија.
Случајот „Сараево Сафари“ се однесува на истрага претходно покрената од италијанското судство врз основа на тврдења дека неколку лица од таа земја биле платени за да за време на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година дојдат на позициите на војската на босанските Срби, која го држела под опсада главниот град на Босна и Херцеговина, и од таму да пукаат во цивили. Постојат индиции дека биле вклучени и граѓани на други европски земји, па затоа во истрагата се приклучиле судските власти на Австрија, Швајцарија и Белгија.












