вторник, август 11, 2026
Дома СКОПСКА Две градинки во Карпош ќе добијат фотонапонски електроцентрали

Две градинки во Карпош ќе добијат фотонапонски електроцентрали

9

Советот на Општина Карпош дадe согласност за кофинансирање на проектот „Карпош SustainableHousing Lab“ кој влијае на намалување на CO₂ емисиите и подобрување на комфорот на живеење.

Станува збор за проект којшто е подготвен како резултат на отворениот јавен повик од страна на ГЕФ Програма за мали грантови, (оперативна фаза 8), имплементиран од страна на УНДП.

Оттука, Програмата го следи принципот „размислувај глобално, дејствувај локално”, овластувајќи ги заедниците да придонесат за зачувување на биолошката разновидност, климатска акција, одржливо управување со земјиштето и намалување на загадувањето.

Според предвиденото, фотонапонските електроцентрали ќе бидат поставени во градинката „Орце Николов” – објект Ѕвездички, во Карпош 2, со максимална моќност до 13kWp и во градинката „Распеана Младост” – објект Виножито, во Бардовци, со максимална моќност до 9kWp.

За реализација на проектот се предвидени грант средства во вкупен износ од 3.300.000 денари, односно 60.000  американски долари. Учество во кофинансирањето на проектот од страна на Општина Карпош е предвидено во износ од 350.000 денари.

Средствата за кофинансирање се обезбедени во буџетот на Општина Карпош, во рамките на Програмата Р1 – Заштита на животната средина, економска класификација 464990– Други трансфери.

 

ИЗДВОЕНИ