среда, ноември 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА За стан од 63 квадрати, платени 200 илјади евра – има ли...

За стан од 63 квадрати, платени 200 илјади евра – има ли крај на растот на цените?

0

Пазарот на недвижности, во третиот квартал од годинава, бележи намалена активност, особено кај купопродажбата на станови, додека интересот за изнајмување бележи значителен раст. Бројот на продадени станови е намален за 14 проценти во споредба со претходниот квартал, а бројот на станови дадени под закуп се зголемил за дури 45 проценти, покажуваат најновите податоци на Агенцијата за катастар на недвижности.

Според Извештајот за регистарот на цени и закупнини, во периодот од јули до септември биле регистрирани 7.679 трансакции со недвижности, што е намалување од 8,2 проценти во однос на вториот квартал. Најголем пад има кај купопродажбите, чиј број се намалил за 12,1 процент. Наспроти тоа, бројот на склучени договори за закуп е зголемен за 2,8 проценти.

Најголем број купопродажни трансакции се регистрирани во општина Центар – вкупно 562, што е за два проценти помалку во споредба со претходниот квартал.

Намалена е и вкупната вредност на трансакциите, која во третиот квартал изнесувала 339 милиони евра, односно 3,6 проценти помалку од вториот квартал. Од оваа сума, 337,8 милиони евра се однесуваат на купопродажба на недвижности, додека регистрираната вредност на закупите изнесува 1,1 милион евра.

Кај купопродажбите е забележан пад на финансиската вредност од 3,6 проценти, додека кај закупите таа е намалена за 10,2 проценти, и покрај растот на бројот на изнајмени станови.

Кога станува збор за цените, највисоката цена по квадратен метар изнесувала 3.121 евро и е постигната во општина Карпош. За стан од 41 квадратен метар, купувачот платил 128.000 евра. Најскапиот стан продаден од инвеститор бил со површина од 63 квадратни метри, а неговата цена достигнала околу 200.000 евра.

Во сегментот на закупите, бројот на изнајмени станови пораснал за 45 проценти, а вкупната месечна закупнина е зголемена за 31 процент во споредба со претходниот квартал.

Од Агенцијата за катастар на недвижности оценуваат дека пазарот покажува различни движења во двата сегмента – намалена активност кај купопродажбите и умерен раст кај закупите според бројот на договори, но намалување на вкупната месечна закупнина.

ИЗДВОЕНИ