Надзорната расправа ги соочи спротивставените тврдења на власта и на опозицијата за тоа кој знаел за сопственичките промени и какви проверки биле направени пред преземањето на банката. Премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески уверуваа дека банката е капитализирана и дека се работи на пронаоѓање нов сопственик, додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, бара одговорност и предупредува на можни последици врз довербата во банкарскиот систем. Во расправата беа отворени и прашања за финансиските трансфери, потеклото на капиталот и наводната поврзаност на лица блиски до ДУИ со Алта банка – Србија. Министерката за финансии, пак, уверува дека нема ризик за буџетските средства и финансиската стабилност на државата

 

Алта банка – Битола во фокусот на политичкиот судир: Случајот со Алта банка – Битола ја претвори надзорната расправа во Собранието во политичка пресметка меѓу власта и опозицијата. Пред Комисијата за финансирање и буџет беа отворени прашања за сопственичката структура, потеклото на капиталот и одговорноста за актуелната состојба. Премиерот, Христијан Мицкоски, гувернерот на Народната банка Трајко Славески и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ги изложија своите позиции, додека СДСМ ја оспори интерпретацијата на премиерот за одлуките на претходната влада.

Како прв сведок, Мицкоски рече дека во времето на владата предводена од Димитар Ковачевски, Министерството за финансии побарало Државното правобранителство да одобри влегување во деловни односи со Алта банка – Белград. Тој се повика на стенограмите од владината седница од 24 октомври 2023 година и праша дали тогашната влада знаела кој е Давор Мацура и дали биле проверени околностите околу капиталот на српската банка.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче возврати дека премиерот ја префрла одговорноста и ја заменува суштината со политички обвинувања. Тој рече дека партијата предупредувала за ризиците поврзани со Алта банка уште пред една година. Филипче го поврза Мацура со сомневања за перење пари и извлекување 400 илјади евра во Србија, како и со забрана за влез во Црна Гора. Предупреди дека случајот може да ја наруши довербата во банкарскиот систем и праша кој ќе одговара пред граѓаните што чекаат пристап до средствата.

Мицкоски одговори дека претходната влада била запознаена со Алта банка уште во 2023 година и ја повика опозицијата да не ја попречува постапката за наоѓање нов сопственик. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски оцени дека СДСМ води кампања што може да ја турне банката во стечај. Премиерот рече дека евентуалната одговорност треба да ја испитаат надлежните институции, вклучително и Јавното обвинителство, додавајќи дека истрагата може да го опфати и него.

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, праша дали Мицкоски ќе преземе политичка одговорност ако банката пропадне и дали Народната банка добила согласност од српската Агенција за осигурување на депозити за продажбата на акциите. Премиерот ги повика пратениците да не шират гласишта, туку да им дозволат на надлежните да најдат купувач. Во расправата се споменаа и наводни препораки државни институции да депонираат пари во банката, како и обвинувања на Мицкоски за барања на политичка партија за повисока камата. Пратеникот Аднан Азизи праша за наводни врски на членови на семејството на Али Ахмети со српската Алта банка и за можни финансиски текови.

Гувернерот Трајко Славески рече дека Стопанска банка Битола имала раситнета сопственичка структура, била под супервизорски надзор и имала сериозни ризици поради неадекватно корпоративно управување. Според него, поддршката од единствениот акционер била практично исклучена, па влезот на стратешки инвеститор бил најсоодветното решение. Народната банка претходно издала согласност за стекнување акции.

Славески нагласи дека назначувањето администратори не значи дека банката е несолидна. Капитализираноста, според неговите податоци, изнесува речиси 26 проценти, над законскиот минимум од осум проценти и над прагот под два проценти поврзан со отворање стечај. Тој објасни дека одлуката била предизвикана од одземањето на дозволата за работа на Алта банка – Белград од српскиот регулатор ноќта меѓу 30 и 31 октомври 2026 година. Следниот ден, Народната банка ја одзела согласноста на српската банка за стекнување акции во битолската банка и нејзиното право на глас.

Пратениците побараа појаснувања за проверките пред промената на сопственоста, вистинскиот сопственик на српската банка, потеклото на средствата за купување акции и евентуални трансфери кон Србија и Русија. По пауза побарана од СДСМ, Филипче го покажа записникот од седницата на 24 октомври 2023 година. Тој тврдеше дека владата на СДСМ не одобрила продажба на акциите во сопственост на Министерството за финансии, туку заклучила Државното правобранителство да комуницира со српските институции за заштита на државниот интерес. Според Филипче, Мацура не добил дозвола од таа влада, туку стекнал мнозински удел преку согласност од Босна и Херцеговина.

По паузата, Славески соопшти дека по ставањето на банката под администрација биле регистрирани трансфери од Србија кон Македонија од 16 илјади евра и во обратна насока од 180 илјади евра. За 2025 година, приливите од Србија изнесувале 2,2 милиони евра, а од Македонија кон Србија 5,3 милиони. Во 2026 година, заклучно со октомври, износите биле 6,2 милиони евра приливи од Србија и 7,2 милиони евра трансфери во обратна насока. Тој рече дека немало трансфери кон Русија, посочувајќи дека државата ги почитува санкциите.

Министерката Димитриеска-Кочоска изјави дека само едно јавно претпријатие има сметка во Алта банка, со околу 100 илјади денари. Повеќето јавни претпријатија и акционерски друштва немаат сметки таму, а дополнителни информации се очекуваат од извештајот на администраторот. Таа уверуваше дека нема ризик за финансиската стабилност и дека буџетските корисници средствата ги чуваат преку трезорот. Министерството, според неа, нема надлежност во продажбата, ниту учествувало во преземањето, поточно, надзорот го врши Народната банка. Таа потврди дека Алта банка влегла на македонскиот пазар на 1 септември, кога добила можност да купува хартии од вредност.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ