Под слоганот „Кисела Вода, заедно секој ден“, градоначалничката, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денеска го даде отчетот за сработеното во првата година од нејзиниот мандат.
Во својот отчет, како клучни достигнувања во делот на инфраструктурата, таа ги посочи поставувањето на нов асфалт долг повеќе од 10 километри, поставувањето на нова водоводна мрежа на 4,5 километри, како и изградбата на 1.200 метри атмосферска и 800 метри фекална канализација. Дополнително, Стаменкоска-Трајкоска истакна дека на целата територија на општината се заменети 4.900 стари светилки со ново ЛЕД-осветлување.
– Целосно се реконструирани сообраќајниците „Ѓорѓи Димитров“, „Саса“ со сите нејзини краци во Пинтија, „Томе Арсовски“, „Жил Верн“, улиците „527“, „Герника“, „Речиште“ и дел од „Киро Фетак“. Во делот на подземната инфраструктура е изградена нова водоводна мрежа на улицата „Речиште“, додека еден од најзначајните проекти е почетокот на изградбата на новиот водовод со резервоар во населбата Каменик, но и капиталната реконструкција на атмосферскиот „Црн Канал“ во Драчево – наведе Стаменкоска-Трајкоска.
Воедно, додаде дека се исчистени над 100 диви депонии од кои се собрани повеќе од 150 тони отпад, а како што нагласи, воведено е и континуирано подигнување на кабастиот отпад директно од домовите на граѓаните. Понатаму, таа информираше дека се отворени две нови градинки, „Верверичка“ и „Ѕвездички“, додека изградбата на третата во Расадник е во завршна фаза.
– Паралелно се реализира и доградба на нови училници во основните училишта „Невена Георгиева Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“. Континуирано се модернизираат сите училишта – рече Стаменкоска-Трајкоска.
На планот на спортот, таа ги издвои целосната обнова на култната спортска сала „Расадник“, пуштањето во употреба на новоизградената спортска сала во подрачното училиште „Круме Кепески“ во Припор, изградбата на новата сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, како и темелната реконструкција на спортските сали во централните училишта „Круме Кепески“ и „Кузман Шапкарев“.
Од областа на културата, таа го спомена првиот детски музички фестивал „Киселко“, но и откривањето на доцноантички полихромен мозаик на локалитетот Пеленица кај Драчево.
(А. П.)












