Како и во претходните години, првите три места на ранг-листата за заштита на климата остануваат празни. Причината за тоа е што ниту една земја сè уште целосно не ги исполнила целите од Парискиот договор – конкретно, целта за ограничување на порастот на глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа,
Сепак, според Јан Бурк, главен автор на Индексот на климатски перформанси (CCPI), „бројни земји со години покажуваат позитивен напредок“. Тој особено ги издвојува „Данска, како и Португалија, Обединетото Кралство, Шпанија и Мароко – заедно со Европската Унија како целина“, пренесува „Дојче веле“.
Секоја година, CCPI ги анализира напорите за заштита на климата во 64 земји и ЕУ, фокусирајќи се на намалувањето на емисиите на CO2, проширувањето на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност и климатската политика.
„Гледаме остар контраст: на политички план, напредокот во заштитата на климата често е бавен – во некои нации, како што се САД, дури има и назадување. Меѓутоа, од технолошка и економска перспектива, постои неверојатен замав. Некои земји го користат тоа со години, додека други имаат одлични услови, но сè уште не ги искористиле“, вели Бурк.
Оваа ранг-листа ја составуваат организацијата „Germanwatch“ и истражувачкиот институт „NewClimate“. Таа ги оценува главните емитери, кои заедно се одговорни за повеќе од 90 отсто од глобалните емисии.
Германија со „најлоша досега“ климатска политика
Паѓајќи на 25-тото место, Германија трета година по ред назадува на ранг-листата за заштита на климата, добивајќи вкупна оценка „средна“. Додека потрошувачката на енергија во Германија е оценета како „добра“, земјата доби „средна“ оценка во категориите за емисии и обновливи извори на енергија.
Сепак, климатската политика на Германија оваа година е оценета како „лоша“ – според Бурк, тоа е „најлошата досега“. Тој ова првенствено им го припишува на тековните политики што ги спроведува министерката за економски прашања, Катарина Рајхе.
„Мерките, кои првенствено се насочени кон зголемување на употребата на природен гас, го загрозуваат напредокот во енергетската транзиција и се закануваат значително да ги влошат рамковните услови за обновливите извори на енергија и електрификацијата во наредните години“, вели Бурк.
Земјите од Г20 имаат особено лоши резултати
Како и Германија, и другите земји од Г20 – клучни индустриски и економии во развој, кои се одговорни за дури 80 отсто од глобалните емисии на CO2 – исто така имаат лош пласман.
Единствен исклучок меѓу нив е Обединетото Кралство. Тоа го зазема седмото место и е оценето како „добро“. Британија има добри резултати во категориите за емисии на стакленички гасови, потрошувачка на енергија и климатска политика; сепак, во однос на проширувањето на употребата на обновлива енергија, експертите ја оценуваат земјата како „лоша“.












