Од Град Скопје информираат дека, периодов, активно работат на целосна реконструкција на овој парк. Притоа додаваат дека градежните активности опфаќаат замена на постојните подни плочки и пешачки патеки со мермерни, кои ќе му дадат поубав и поблагороден изглед на просторот, во согласност со неговото значење и неговата местоположба

 

Изненадувачки изгледа тоа што ги нема клупите и другата опрема во паркот „Жена борец“ во строгиот центар на градот. Одеднаш ги снема. На прашањето што се случува и зошто ги нема клупите, од Град Скопје информираат дека, периодов, активно работат на целосна реконструкција на овој парк.

Притоа додаваат дека градежните активности опфаќаат замена на постојните подни плочки и пешачки патеки со мермерни, кои ќе му дадат поубав и поблагороден изглед на просторот, во согласност со неговото значење и со неговата местоположба.

– Истовремено, се реставрира постојната урбана опрема, ќе се постават нови канти за отпадоци, а со дополнително хортикултурно уредување ќе се збогати зелената слика на паркот. Клупите, како дел од урбаната опрема, ќе бидат зачувани при реконструкцијата и ќе бидат реставрирани дрвените елементи, по што ќе бидат вратени на локациите во паркот „Жена борец“ за зачувување на автентичноста на овој парк во срцето на Скопје каде што зеленилото, спомените и историјата се среќаваат – објаснуваат градските власти.

Тие велат дека овие активности се реализираат како дел од поширокиот процес инициран од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за враќање во функција на симболите на главниот град и враќање на сјајот на централното градско подрачје по долгогодишна запуштеност и негрижа – велат градските власти.

Според нив, целта е строгиот центар на  Скопје повторно да го добие својот препознатлив изглед и сјај, по примерот на европските и светските метрополи.

– Во изминатиот период, повторно беа пуштени во употреба фонтаните „Лотосов цвет“, „Воин на коњ“, „Филип II Македонски“, „Олимпија“, „Паднати борци“, како и фонтаната на плоштадот „ВМРО“. Повторно беше активиран и Вечниот оган, кој во минатото не беше во функција, а наскоро и подната фонтана на плоштадот „Македонија“ повторно ќе биде ставена во функција – одлучни се од Град Скопје.

(А. П.) Фото: (Ѕ. П.)

ИЗДВОЕНИ