среда, ноември 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Не вештачиме ист објект“ – Марковски со жестоки забелешки за вештачењето на...

„Не вештачиме ист објект“ – Марковски со жестоки забелешки за вештачењето на газда Деко

1

Остри забелешки за вештачењата на одбраната на Дејан Јованов изнесе професорот Горан Марковски од Градежниот факултет при УКИМ, на продолжението на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тој оцени дека во наодот на Петре Русески има селективен пристап, изоставување релевантни факти и навлегување во области за кои самиот вештак се изјаснил дека нема соодветна стручност.

Марковски посочи дека во вештачењето на Русески не биле соодветно анализирани градежните и внатрешните материјали употребени во дискотеката, меѓу кои полиуретанскиот сунѓер, декоративниот лим и нивното можно влијание врз настанувањето и ширењето на пожарот. Го оспори и заклучокот дека во критичната вечер била обезбедена соодветна вентилација, оценувајќи дека за таква констатација мора да постојат соодветни докази. Според него, недостасувала и независна инженерска проверка дали објектот ги исполнувал минимално-техничките услови во периодот пред пожарот. Нивната исполнетост, како што посочи, била констатирана врз основа на извештај од пазарен инспектор од 2012 година. Тој ги проблематизираше и градежните интервенции во објектот, како изградбата на челичните галерии, поставувањето греди и столбови, затворањето на прозорците со декоративен лим и поставувањето полиуретански сунѓер на плафонот. Според Марковски, овие зафати не можат да се третираат само како внатрешно уредување, бидејќи дел од нив влијаеле врз конструктивниот систем. Тој посочи дека вештачењето на Русески било побарано за градежништво, архитектура и противпожарна заштита, но било потпишано само од Русески, дипломиран градежен инженер, кој на судењето се изјаснувал дека нема стручност за архитектура и противпожарна заштита.

„Стручна самодисквалификација е вештачењето на Русески. Тука нема стручни спротивставености, туку сериозни недостатоци“, рече Марковски. Тој додаде дека во делови од вештачењата, разликите во методологијата биле толку големи што се поставувало прашањето дали се анализира истиот објект.

Пред неговото излагање, Јавното обвинителство реагираше на предлогот за вештачење на Мирослав Грчев, како и на начинот на кој дел од одбраната планира да ги изведе доказите. Обвинителите изразија сомнеж дека предложената постапка може да доведе до одолговлекување на судскиот процес.

„Јавното обвинителство нема да се согласи во овој момент вештите лица да се произнесуваат, а особено не смее да се дозволи усогласување, бидејќи законот не познава такво нешто “, наведоа обвинителите. Обвинителството побара и листите со имињата на предложените сведоци, заедно со околностите за кои треба да сведочат, да им бидат доставени на сите учесници во постапката, за да можат навреме да се подготват за нивното испитување. Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов предложила 16 сведоци кои треба да се произнесат за различни околности поврзани со случајот. Меѓу нив се неговата ќерка, претставници на Општина Кочани, МВР и противпожарната служба, како и лица кои учествувале во внатрешното уредување на дискотеката „Пулс“. (П. А.)

 Семејствата: Нема да дозволиме спорни вештачења и неправди да ја прикријат одговорноста за пожарот во „Пулс“

Семејствата на настраданите нема да дозволат одговорноста да биде релативизирана преку спорни вештачења прашувајќи дали корупцијата и привилегиите ќе продолжат да ја газат вистината

– На судењето градежните експерти ги оспорија наодите на вештакот на одбраната, кој, според кажаното на рочиштето самиот признал дека нема стручни познавања по противпожарна заштита, а притоа занемарил сериозни неправилности во конструкцијата, доградбите, евакуациските излези и заклучените врати – посочи Наунов. Родителите на загинатите деца упатија критики кон првообвинетиот во постапката и го отворија прашањето за постапувањето на судот во однос на доказните постапки.

– Ние ја плативме цената со крвта на нашите најмили. Нема да дозволиме нивната смрт да биде погребана под невистини, спорни вештачења и нови неправдини. Нашата борба е ниту еден родител повеќе да не ја чувствува нашата болка. 63 животи не се предмет на надмудрување. Доста беше корупција, привилегии и неодговорност – изјави Наунов.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ