Научници од Романија истражуваа нов терапевтски пристап кој би можел да ги ублажи симптомите на депресија, помагајќи им на луѓето да ја разберат својата емоционална болка од еволутивна перспектива.
Терапијата се заснова на идејата дека човечките потреби за блискост, припадност и сигурност се обликувани во текот на еволуцијата. Разбирањето на овие потреби може да им помогне на поединците кои страдаат од депресивни симптоми да го намалат самообвинувањето и да ги согледаат сопствените тешкотии во поинакво светло.
На пример, по раскинување на врска, едно лице може да се чувствува безвредно и да се повлече од социјалните интеракции, со што дополнително ја продлабочува својата осаменост.
„Еволутивната терапевтска перспектива додава уште едно ниво на стандардниот когнитивно-бихејвиорален пристап“, објасни Михаи Доброволски, клинички психолог од Универзитетот во Букурешт, како што пренесува ScienceAlert.
Според него, разбирањето за тоа колку значајна можела да биде загубата на партнер за нашите предци, може да им помогне на луѓето да реагираат на сопственото страдање со помалку самокритика.
„Тоа го менува прашањето од ’Што не е во ред со мене?‘ во ’На каков важен проблем реагирам и што можам да направам во врска со тоа?‘“, вели Доброволски.
Значајно подобрување по една недела
Во прелиминарната студија учествуваа 61 возрасно лице кое имало симптоми на депресија. Од нив, 31 лице беа вклучени во терапевтска група, додека 30 беа ставени на листа на чекање. Терапијата се спроведуваше во Букурешт, во групи од пет до седум учесници, во текот на два последователни дена, со времетраење од осум часа дневно. Вкупните 16 часа терапевтска работа се приближно еднакви на времетраењето на стандардна програма која се состои од 12 до 16 индивидуални сесии на когнитивно-бихејвиорална терапија.
Терапевтот работеше со учесниците поединечно пред групата, по што следеа дискусии и споделување искуства. Истражувачите претпоставуваат дека овој пристап може да го намали чувството на осаменост, иако тоа не беше предмет на посебно истражување.
Една недела по терапијата, учесниците покажаа значително поголемо намалување на депресивните симптоми во споредба со контролната група. Разликата изнесуваше приближно 7,5 поени на скала од нула до 42, што претставува голем статистички ефект. Исто така, беа забележани подобрувања во однос на анксиозноста и задоволството од животот. Сепак, по три месеци, разликата се намали на околу 3,1 поен и повеќе не беше статистички значајна.
„Со релативно мал примерок, едноставно не можеме со сигурност да тврдиме дали значајниот ефект се задржал“, изјави Доброволски.
Потребни се дополнителни истражувања
Студијата има неколку ограничувања. Од 31 лице распоредени во терапевтската група, шестмина не присуствуваа на сесиите, додека седум учесници од листата на чекање се откажаа пред финалната проценка. Поголемиот дел од испитаниците беа жени.
Понатаму, сите сесии ги водеше еден ист терапевт, а од учесниците не се бараше да имаат официјална дијагноза за депресија. Резултатите се засноваа на сопствените проценки на учесниците.
Затоа, научниците нагласуваат дека студијата не докажува оти новиот метод е поефективен од постоечките терапии, ниту пак дека може да ја излечи депресијата.
Потребни се посеопфатни истражувања за да се донесат веродостојни заклучоци – студии што би го споредиле овој пристап со стандардната когнитивно-бихејвиорална терапија и би ги следеле учесниците во подолг временски период.
„Доколку овие наоди се потврдат во построги истражувачки услови и ако се покаже дека ефектите се трајни, краткото времетраење на оваа интервенција би можело да стане клинички и практично многу значајно“, заклучи Доброволски.
Студијата е објавена во научното списание *BMC Psychology*.












