Автор во фокус на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

– Некогаш се случува некои претстави да бидат и подобри од самиот текст бидејќи отвориле нови нивоа, нови стојалишта. Тоа е една од вистините кога пишуваш драма, не знаеш каков ќе биде крајниот производ на сцена. Јас секогаш ги затворам текстовите по претставите, односно по интерпретацијата на актерите. Многу пати во самиот процес некои реплики доаѓаат, па се прифаќаат, затоа што е важно да поминат низ филтерот на актерите. Тие најдобро ги детектираат зборовите и чувствата. Драмата не е уметност на самите зборови, драмата е уметност на контекстите и на чувствата што тие зборови ги носат во претставата, рече Дејан Дуковски на разговорот посветен во негова чест на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

– Уште како студент, учествував со „Балканот не е мртов“, љубовна приказна меѓу Турчин и Македонка, текст кој имаше многу напади од типот дека сум против македонската кауза. Но, се појавија неколкумина на фестивалот што застанаа зад претставата и текстот и јас ја добив наградата за најдобар текст. Фестивалот имаше голема улога во моето растење како автор – рече Дејан Дуковски, вчера на разговорот посветен во негова чест како автор во фокус на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Топла атмосфера, многу почит кон Дуковски можеше да се сведочи меѓу присутната публика. Пред разговорот, кој го водеше Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот, беше отворена изложба на 75 театарски плакати од претстави работени според драмите на Дуковски низ цел свет. Автор на изложбата е Јасмина Алексова.

– Изложбата на театарски плакати обединува две уметнички практики, драмска и ликовна. И овие плакати се само дел од вкупниот број плакати работени по претставите на Дејан. И плакатот, сам по себе, претставува еден вид визуелен сублимат на драмскиот текст и неговото поставување на сцена или на филмското платно. И самата улога му е да најави, да информира, да ја испровоцира публиката да го види делото, рече авторката Алексова.
Во разговорот на Дуковски со Стојаноска, тој се потсети на неговиот учител, Горан Стефановски, за кого вели дека инсистирал да читаат драми, Шекспир… „Тој ни велеше, сè е напишано во античката драма и дека ние треба да рециклираме драми, односно да ги разработуваме истите теми“.

На прашањето какви искуства имал со режисерите, посебно со тие со кои работел првпат, Дуковски истакна дека немал секогаш среќа.
– Некогаш се случува некои претстави да бидат и подобри од самиот текст бидејќи отвориле нови нивоа, нови стојалишта. Многупати се изгубени дури и оние, основните нешта. Тоа е една од вистините кога пишуваш драма, не знаеш каков ќе биде крајниот производ на сцена. Јас секогаш ги затворам текстовите по претставите, односно по интерпретацијата на актерите. Многупати, во самиот процес, некои реплики доаѓаат, па се прифаќаат, затоа што е важно да поминат низ филтерот на актерите. Тие најдобро ги детектираат зборовите и чувствата. Драмата не е уметност на самите зборови, драмата е уметност на контекстите и на чувствата кои тие зборови ги носат во претставата – рече Дуковски.

Дуковски тврди дека кога репликите ќе се кажат на сцена, добиваат поширок контекст и значење.
Како што посочи, пак, Стојаноска, која е и професорка на ФДУ, кога на студентите редовно им предава за Дуковски, им напомнува дека постојат драмски автори кои се академски драмски автори. Главниот товар на драмата го носат актерите и начинот на кој режисерот ќе ја направи претставата, истакна таа.
–Драмата ја гледаме и вистински ја разбираме во мигот кога ќе ја видиме на сцена. Пред десетина години напишав еден текст „Колку ме боли кога те нема“, според реплика „Маме му е… кој прв почна“, односно последната песна, во која цело време размислувам за сликата на љубовта во драмите на Дејан Дуковски. Кога ги гледате во претстава, тоа не е типична љубовна изјава, тоа е травестија на љубовта, едноставно, излегува настрана. И мислам дека токму тоа е многу важно кога ги читаме драмите, да не го заборавиме тој контекст на сценското што го бара баш Дејан. Овој контекст важи и при пишувањето, меѓутоа и при поставувањето на претставата во оваа форма – додаде Стојаноска.
Дуковски беше прашан и за првото поставување на неговата најнова драма „Црно злато“ во Белград, во режија на Оливер Фрлјиќ. Оваа претстава в петок ќе гостува на затворањето на фестивалот – убава можност да се види од македонската публика.
– Мислам дека Оливер Фрлјиќ, во моментов, е еден од поинтересните режисери на овие простори. Мислам дека самата претстава носи автентичен израз, прилично свеж. Претставата не е така ангажирана како што вообичаено се очекува од Фрлјиќ. Мислам дека ова е една негова посмирена фаза во драмска смисла. Фрлјиќ работи многу убаво тимски – рече Дуковски.
Актерката Катерина Коцевска го сподели впечатокот од премиерата во Белград и истакна дека публиката не поделила куртоазен аплауз, туку многу искрен. Таа истакна дека е голем потег тоа што Стојаноска годинава ја носи претставата во Прилеп.
Во однос на темата поставување и поддршка на нови текстови, Дуковски рече дека смета дека треба да се организираат повеќе драмски читања.
На прашањето, пак, дали замислувал кога бил студент дека ќе дојде ден кога неговото дело ќе биде славено на фестивал од калибарот на „Чернодрински“, тој посочи дека токму од Прилеп се лансирал како автор.

Оливера Ќорвезироска, од име на издавачот „Арс ламина“, ги промовира двете книги драми на Дејан Дуковски, посочувајќи дека станува збор за прапромоција на делата објавени во едицијата „Македонски книжевни класици“. Таа направи убав пресек на делото и значењето на Дуковски, но и поширока компаративна анализа за македонската постмодерна на која ѝ припаѓа тој.
– Ова двотомно издание е значајно и јасно видливо од која точка и да се погледне. Како крупните, маркантни објекти што постојано ги гледаме, колку и да сме оддалечени од нив. Како ориентир што ни дава сигурност дека нема да се изгубиме сè додека го имаме во очите, како чувство дека сме таму каде што треба да бидеме. Значајно е за Дејан Дуковски; значајно е за едицијата и за издавачот; уште позначајно е за сите нас, зашто на едно место и со најнов авторски препрочит (што е исклучително важно и возбудливо!) имаме десет драми, сосе најновата „Црно злато (Опиум или Пари)“; а најзначајно е, сепак, за македонската драма, за македонскиот театар, за македонската книжевност и за македонскиот широк културен контекст, рече Ќорвезироска.
Додаде дека драмите на Дуковски не се остров сред морето на современата македонска книжевност, туку цврсто копно втемелено заедно со другите жанрови. – Тие не се ниту одделени и изолирани од современата книжевност, иако лично сметам дека премалку зборуваме и се занимаваме со тоа, со единството на уметноста создадена, во нашиов случај – напишана, на македонски јазик. Новиот жанр во „Македонски книжевни класици“ дополнително го збогати опсегот на едицијата и на тоа сме мошне горди, додаде таа.

ИЗДВОЕНИ