Неколку стотици граѓани досега се пријавиле дека претрпеле штети како последица на големото невреме што завчера го погоди Скопскиот и неколку други региони во земјава. Се пријавуваат урнати покриви, скршени прозорци, оштетени тераси, гаражи, автомобили, паднати дрвја во дворовите… кои беа погодени со силното невреме и од ветерот што дуваше со брзина и до 134 километри на час. Во погодените скопски општини постојано ѕвонат објавените дежурни телефони за контакт со граѓаните. Зачестеноста на јавувањата особено се зголемила откако владините и општинските претставници најавиле дека погодените ќе добијат одредени парични средства, како помош за ублажување на последиците.
Од скопската општина Бутел денеска ни изјавија дека е голем бројот на граѓани што пријавуваат штети.
– Досега добивме околу стотина пријави од граѓани. Ни пријавуваат дека им се оштетени покриви, гаражи, натстрешници, летниковци… речиси да нема населба на подрачјето на Општината од која нема пријави. Цела општина беше погодена – ни изјавија од Општина Бутел.
Слично е искуството и во други општини.
– Десетици граѓани се јавија, најпогодени се населбите Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец… Се пријавуваат најразлични оштетувања: покриви, тераси, автомобили… – ни изјавија од Општина Центар.
Слично е и во Карпош, Кисела Вода, Аеродром….
Од градското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ изјавија за весникот ВЕЧЕР дека според досегашните пријави и извршени интервенции, најголем број оштетувања се евидентирани во општините Аеродром, Карпош, Центар и Чаир.

– Градскиот парк се соочува со силни последици од невремето и има над 100 оштетени/паднати дрвја, а екипите континуирано работат на расчистување и на процена на состојбата. Силниот ветар од 130 км/ч и екстремните временски услови се главна причина за паѓањето и оштетувањето на голем број дрвја низ градот – ни изјавија од ова претпријатие.
За сумирањето на сите штети, сигурно, ќе бидат потребни неколку дена, со оглед на фактот што во текот на невремето и по него, до дежурните служби за помош имало дури девет илјади повици, што биле пријавени дури 117 оштетени возила, 35 оштетени покриви, околу 200 паднати дрвја… Сето ова го поставува прашањето на кој начин ќе им се помогне на граѓаните да си го поправат оштетувањето, чија цена нема да биде мала. Сознанијата покажуваат дека најголемиот дел од имотите на овие граѓани не биле осигурени од штети по основ на невремето, што значи дека нема да може да ги добијат парите за поправките по тој основ.
Помош согласно со закон и воспоставената практика
Во просториите на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одржа координативен состанок со скопските градоначалници и со Кризниот штаб на Градот, на кој биле разгледани штетите и последиците од силното невреме, како и начинот за исплата на штетите.
– Станува збор за временска непогода од размери какви што не памети градот со децении. Скопските општини ќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од невремето. Во координација со Владата и со претседателот Христијан Мицкоски, кој веќе прогласи кризна состојба, ќе се врши стручна процена на пријавените штети, по што, согласно со законската регулатива и воспоставената практика, ќе почне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетувањето на објектите за домување – објави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.
Тој истовремено најави и инспекциска проверка на сите позиции и објекти каде што имаше оштетени покривни конструкции за да се утврдат причините за паѓањето. Градежните експерти, за весникот ВЕЧЕР, уште вчера оценија дека лошиот квалитет на градбата, отсуството на стручен надзор и лошата изведба придонеле да има толку многу оштетувања.
Градоначалникот истакна и тоа дека Град Скопје располага со солидарен фонд, во кој се обезбедени средства за обесштетување на граѓаните во вакви ситуации.
Денеска и премиерот Христијан Мицкоски повторно најави дека погодените граѓани ќе можат да сметат на одредено обесштетување и ги повика да ги пријават штетите.
-Граѓаните што имаат претрпено штета, треба да ја пријават кај општинските комисии. Тие ќе извршат процена и веднаш ќе ги достават извештаите до Комитетот за процена на штети, а потоа и до Владата. Ние, согласно со закон и воспоставената практика, ќе интервенираме и ќе ги обесштетиме сите што ќе пријават штета. Апелирам до сите што имаат претрпено штета да ја пријават за да излезат комисиите на терен, да ја констатираат состојбата и Владата да добие прецизна спецификација на штетите, со цел да можеме да извршиме обесштетување – рече Мицкоски при престојот во Кавадарци.
Што покажуваат искуствата со обесштетувањето
Ова не е првпат македонските граѓани да се соочат со штети што ги претрпуваат нивните имоти како последица на силни временски непогоди. Воспоставениот систем во општеството предвидува тие да ги пријавуваат штетите до општинските комисии, кои потоа вршат процена, по што им се определува соодветен паричен надоместок. Висината на сумата и процентот на обесштетување, по правило, ги определува Владата. Искуствата од повеќе временски непогоди што се случиле во изминативе години покажуваат дека граѓаните што доживеале штета најчесто се обесштетуваат со 5 проценти од износот на вкупно направената штета.
Таква одлука, на пример, во април годинава донела Владата кога решила 5-процентно да ги обесштети поплавените граѓани во Кичево, по големата поплава на почетокот од годината. Тогаш, познато е, беа поплавени домовите на околу 180 домаќинства, најмногу покрај Зајашка Река, долж улицата „Прилепска“. Со истата одлука и со ист износ беа обесштетени и настраданите граѓани во седум други општини: Валандово, Ресен, Крива Паланка, Велес, Кавадарци, Пробиштип и Македонски Брод, кои беа погодени со временски непогоди.
Петпроцентно обесштетување од вкупната штета во февруари годинава добија и граѓаните на Битола чии домови беа оштетени од земјотресот пред четири години. Тогаш на сметките на граѓаните без префрлени износи од 200, 300, ретко од 1.000 денари, што предизвика револт и исмевање. Незадоволни, битолчани тогаш изјавуваа дека со тие пари „не може да купат ниту канта боја“. Весникот ВЕЧЕР тогаш го актуализираше проблемот со ниското обесштетување на погодените домаќинства. Во државната Дирекција за заштита и спасување тогаш ни објаснија дека долгото чекање и ниските суми на обесштетувањето се должат на лошото функционирање на локалните власти.
-Секоја општина треба да има годишен план, процена за елементарни непогоди и посебен годишен буџет од кој, по елементарната непогода, ќе ги обесштетуваат погодените домаќинства. Но, не се случува тоа во реалноста и тие немаат обезбедено такви средства. Наместо нив, обврската ја прифаќа Владата за да им се помогне на луѓето. И на крајот, на некоја владина седница се носи одлука на настраданите граѓани да им се исплатат 5 или 10 проценти од причинетата штета, што не е доволно – е објаснувањето од Дирекцијата за заштита и спасување. (Б. Ѓ.)
Обесштетување за автомобилите само во случај кога за паднатото дрво има решение за сечење
Во скопското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ ни кажаа дека постојат јасни услови за обесштетување во случај кога паднато дрво оштетило некој приватен автомобил.
– За поведување постапка, за поднесување барање за добивање отштета при паднато дрво или гранка, потребно е исполнување на следниве услови: дали е предметното дрво во надлежност на Градот Скопје, односно на ЈП „Паркови и зеленило“ и дали за конкретното дрво има издадено решение за сеча од страна на Секторот за комунални работи на Градот Скопје. Потоа, на самото место на случката се повикуваат МВР и претставник од ЈП „Паркови и зеленило“ и се врши увид со изготвување записник, а се прават и фотографи од сторената штета. Потоа оштетениот граѓанин ги поднесува потребните документи и се прави пријава на штетата, која се процесуира. Обесштетување се врши само во случај кога за тоа дрво има добиено решение за сечење од Секторот за комунални работи на Град Скопје.












