Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 48 седница во Бусан, Јужна Кореја донесе одлука на Охридскиот регион да му даде уште една шанса и тој да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Државата доби дополнителен рок од пет години за спроведување на препораките што се однесуваат на заштитата на природното и културното наследство.
Македонската делегација во Бусан беше предводена од вонредниот и ополномоштен амбасадор при УНЕСКО, проф. д-р Игор Николов, кој во своите обраќања ја реафирмираше цврстата посветеност на државата за спроведување на препораките на Комитетот во насока на долгорочна заштита на универзална вредност на Охридскиот Регион.
Според македонската делегација одлуката е израз на доверба во преземените активности и во јасната определба на државата, во соработка со Република Албанија, да продолжи со спроведување на препораките на Комитетот за светско наследство, Центарот за светско наследство и Советодавните тела.
Според амбасадорот Николов Охридскиот регион е непроценливо природно и културно богатство со исклучителна универзална вредност. Неговото зачувување порача, е национална одговорност, но и заедничка обврска кон светското наследство и идните генерации.












