четврток, јули 23, 2026
Дома КУЛТУРА „Кармен свита“, „Болеро“ и гудачки квартет од Словачка на „Охридско лето“; Раскошна...

„Кармен свита“, „Болеро“ и гудачки квартет од Словачка на „Охридско лето“; Раскошна вечер со балетски претстави и класична музика

9

На „Охридско лето“ синоќа се одиграа балетските претстави „Кармен свита“ и „Болеро“ од Жорж Бизе и Морис Равел, во изведба на маестралните уметници од Операта и театар „Мадленијанум“ од Србија, а во кореографија на Александар Илиќ.

„Кармен свита“, адаптирана според  Бизеовата опера „Кармен,“ ја долови страсната приказна за Кармен, симболот на слободата и судбината, а „Болеро“, во вториот дел од вечерта, донесе динамична кореографија полна со драмски тензии. Енергијата што се чувствуваше во салата на Центарот за култура „Григор Прличев“ уште еднаш потврди дека јазикот на уметноста нема граници.

Идејата за настанување на овие две балетски претстави е на поранешниот уметнички директор на Операта и театар „Мадленијанум“, Никола Мијаиловиќ, со цел да се одбележат 150 години од раѓањето на Морис Равел и 150 години од смртта на Жорж Бизе. Оваа година почина и Родион Шчедрин, така што претставите ги слават токму овие тројца големи уметници.

Кореографот Илиќ ги поставува класичните музички дела во современ контекст, спојувајќи ги виртуозната игра, силната драмска експресија и авторски препознатливиот кореографски израз.

– Оваа претстава носи спектакуларна танцова верзија на двете дела, „Кармен“ и „Болеро“. Според мене, секако „Кармен“  е една од најубавите музички партитури, а, исто така, и „Болеро“ од Равел. Сакам да кажам дека се работи за две наполно различни продукции. „Кармен свита“ е правена во еден неокласичен стил што носи класика и сè што навистина е кореографски јазик за класичен балет. „Болеро“ е правен со еден наполно современ кореографски вокабулар – појаснува Илиќ.

Современата игра, според него, бара дијалог со публиката, просторот и времето.

– Сметам дека современата игра е, можеби, единствена гранка во уметноста што се развива побрзо од сите други уметнички гранки, нешто слично како технологијата.

Во денешно време, кога зборувате за современата игра, таа отишла толку далеку што сè е возможно. Кога ги споменувам овие три фрази, мислам на тоа дека е важна партиципацијата на публиката во сите претстави. Тоа вечерва го почувствува и публиката на „Охридско лето“. Дали е претставата наративна или не, воопшто не е прашање, туку работата е како може да допрете до гледачите, да ја почувствувате не само играта на уметниците туку и текстурата на претставите, која, секако, е во синергија со музиката – појаснува Илиќ.

За „Кармен свита“ и „Болеро“, Операта и театар „Мадленијанум“ е добитник на бројни признанија од српските стручни здруженија и фестивали.

Претходно таа вечер, концерт одржа и гудачкиот квартет при Државниот камерен оркестар „Жилина“ од Словачката Република, што уште еднаш ја потврди оправданоста на  годинашното мото на фестивалот „Охридско лето“ дека „Уметноста трансформира – Уметноста е љубов“.

Токму таков беше и настапот на членовите на овој состав: Роберт Копелман, прва виолина; Катерина Миронова, втора виолина; виолистот Александр Дјагилев и виолончелистката Дарја Земскаја. Со своето вдахновено музицирање, тие ги разбудија сите сетила кај љубителите на класичната музика што го проследија концертот во црквата „Света Софија“.

Концертот долго ќе се памети поради врвната интерпретација на Моцартовиот гудачки квартет бр. 15, но и на дела од словачките композитори Јан Левослав Бела, Иља Зељенка и Еуген Сухон. Привлечната и убаво селектирана програма се одржа во рамките на Словачката вечер на „Охридско лето“, која се организира со поддршка на Амбасадата на Словачка Република во земјава.

Амбасадорката на Словачката Република, Ивета Хрицова, која првпат ја следи фестивалската програма откако минатата година беше назначена на функцијата, нагласи дека концертот на уметниците од Словачката Република не е само уметничко доживување туку, како што кажа, и почеток на уште поблиска соработка меѓу двете држави.

– Фестивалот „Охридско лето“ е многу повеќе од една вечер за нас. Тој е жив тестамент за моќта на културата, која ги дефинира луѓето, нациите и генерациите. Фестивалот е место каде што се среќаваат различни уметнички традиции – нагласи амбасадорката Хрицова.

Гудачкиот квартет на Државниот камерен оркестар „Жилина“ (ШКО Жилина) е основан во 2024 година и оттогаш има настапено на бројни концерти и на значајни општествени настани, успешно претставувајќи ги големиот уметнички квалитет и интересната драматургија, како во Словачка така и во странство. Концерт-мајстор на ШКО Жилина е Роберт Копелман, кој потекнува од Братислава, од познато музичко семејство.

ИЗДВОЕНИ