четврток, јули 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Никој не знае што јадеме и што пиеме, Гостивар ги активира контролите...

Никој не знае што јадеме и што пиеме, Гостивар ги активира контролите и пријавите

Премиерот најави техничка до недела, пивка до следната

1

До крајот на неделата, гостиварци ќе добијат техничка вода, а ако сè оди по планот, до крајот на следната и за пиење, најави премиерот Христијан Мицкоски. Владата прогласи кризна состојба во Гостивар откако општината затаи во справувањето со епидемијата.

„Сега треба да се пристапи кон целосно перење на системот за да добиеме вода која ќе има хлор во граници на нормалата и да имаме техничка вода до крајот на неделата, а до крајот на идната недела, ако сè биде како што треба, и вода за пиење. Работиме, за жал, таа летаргија што ја зафати општината по епидемијата преставува предизвик, тоа е што е, иако Владата таму нема ингеренции, ќе сториме сè да се врати градот во нормала“, изјави Мицскоски.

Судејќи по предупредувањето што се шири на „Фејсбук“ – водата од чешма да не се користи за ништо бидејќи ќе се пуштале некои опасни хемикалии, дел од граѓаните, и покрај строгата забрана, сепак ја користат водата од градскиот водовод.

Од општината ја отфрлија информацијата и апелираа до жителите да не им веруваат на лажните вести на социјалните мрежи.

„Главниот кризен штаб, на централно и на локално ниво, заедно со ЈП „Водовод и канализација – Скопје“, работат на терен за нормализирање на состојбата во водоводниот систем. Од Општината апелираат граѓаните да се информираат исклучиво преку официјални извори и да не им веруваат на непроверените информации што кружат на социјалните мрежи“, апелираат од кризниот штаб.

Од кризниот штаб велат дека резултатите од мострите што биле земени пред три дена покажуваат дека водата во гостиварскиот водовод е далеку од технички исправна. ИЈЗ и лабораторијата на скопскиот водовод секојдневно вршат тестирање на водата од различни локации, а во зависност од резултатите, ќе се спроведува процесот на хлорирање на системот, велат од штабот.

Во вонредна акција на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведена во Гостиварско поради водата се направени 70 инспекциски контроли во угостителски и прехранбени објекти. Според АХВ, сите контролирани оператори ја почитувале забраната за употреба на водата од градскиот водовод, при што за подготовка на храна, миење и послужување користеле пакувана или безбедна вода, а во угостителските објекти се употребувале пластични и хартиени чаши и прибор. Сепак, инспекторите констатирале 18 локали без задолжителни здравствени прегледи на вработените, пет случаи без спроведени мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

„Утврдено е дека двајца оператори пуштале во промет небезбедна храна во количество од 18 килограми (виршли, кисело млеко, јогурт, слајс салами, путер) кои се нештетно уништени. АХВ апелира до операторите и до граѓаните да се почитува забраната за употреба на водата од градскиот водоводен систем, а секоја недоследност и непочитување на донесената забрана може да ја пријават лично во АХВ или во нејзините подрачни единици, електронски на [email protected], како и на бесплатната телефонска линија за потрошувачи 0800 3 22 22“, соопштија од агенцијата.

Филипче: Водата во болницата во Лешок има колиформни бактерии

Опозицијата повторно побара оставки од министерот за здравство, Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, директорот на АХВ, Оливер Миланов, и од одговорните лица во надлежните центри за јавно здравје бидејќи не побарале навремено испитување на водата и итни мерки за заштита на населението. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција обелодени друг случај со загадена вода за пиење – од примерок земен од Болницата за белодробни болести во Лешок.

„Извештајот за тестирање на безбедноста на водата е од примерок земен од Болницата за белодробни заболувања во Лешок. Датум на завршување на испитувањето е 13 мај. Вкупен број колиформни бактерии во 100 милилитри вода е 51. Примерок од чешма од болницата каде што се лекуваат луѓе, 51 колиформна бактерија на 100 милилитри вода. И пишува дека не соодветствува на квалитетот на водата што е потребна за пиење. И ова е во болницата во Лешок, на крајот на мај, а никој не реагирал. Знаат ли овие луѓе што прават?, праша Филипче на прес-конференцијата и побара итно вонреден надзор и анализи на сите водоснабдителни станици во државата. „Јавно да се објават резултатите од физичките анализи – матност, мирис и останатите параметри, од хемиските анализи – нитрати, нитрити и амонијак, како и микробиолошки анализи и податоците за хлорирањето“, рече Филипче.

Од средата и водата во Валандово е забранета за пиење поради зголемено ниво на арсен.

„Согласно сo добиените резултати од извршените анализи од Институтот за јавно здравје – Скопје, во водата за пиење од градскиот водовод во Валандово е утврдено зголемено ниво на арсен. Поради наведеното, се препорачува водата од градскиот водовод во Валандово да не се користи за пиење сѐ до добивање нови резултати кои ќе ја потврдат нејзината исправност. Водата може да се користи исклучиво како техничка вода“, соопштија од претпријатието.

Загадената вода во Гостивар стана светска вест

Случајот со загадувањето на водата во Гостивар, епидемијата и илјадниците граѓани кои побараа медицинска помош, привлече големо внимание и во странските медиуми. За здравствената криза известуваа најмалку 30 медиуми од Франција, Германија, Италија, Австрија, Швајцарија, Русија, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Албанија, Малезија, Катар и други земји. Меѓу нив се „БНЕ интелињуз“, „Балкан инсајт“ и француската новинска агенција, АФП, чија вест ја пренесоа „Ле Паризиен“, „Тајмс оф Малта“, „Мајал мејл“, „Пенисула“. За случајот пишуваа и „Скај ТГ 24“, „Ил фато куотидиано“, „Н-ТВ“, германскиот „Денес“, „Јутарњи лист“, „Еуроњуз Србија“ и други регионални и европски медиуми.

Во своите извештаи тие главно се осврнаа на повеќе од 3.000 лица кои побарале медицинска помош, на лабораториските наоди за бактериско загадување, на забраната за користење на водата, на прогласената епидемија, како и на истрагата и апсењата поврзани со случајот.

За состојбата со водата во Гостивар, Влен прашува: Каде исчезнаа 7 милиони евра помош од Швајцарија?

Од владејачката партија Влен го обвинија поранешниот градоначалник, Арбен Таравари, дека не ги исполнил ветувањата што ги давал пред граѓаните дека ќе го реши проблемот со водоснабдувањето во градот за следните 100 години.

„Двата гигантски резервоари што ги вети и во 2022 година за решавање на проблемот со водата за пиење, донација од Швајцарија, исто така не беа направени“, велат од партијата и прашуваат каде завршиле седумте милиони евра швајцарска помош наменети за решавање на проблемот со водоснабдувањето во Гостивар.

„Другото прашање: Дали случајот со водата во Гостивар излегува како случајот со канализацијата во Зајаз? Никој не може да се крие зад својата позиција, партија или молчење.  Арбен Таравари мора да им одговори на граѓаните на Гостивар со истиот стандард што го бараше од другите. Бидејќи одговорноста не е слоган за опозицијата, таа е обврска и кога се води локалната самоуправа“, велат од Влен. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ