четврток, јули 23, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Словенија дава 2.000 евра за крава, Албанија го зголемува извозот, а Македонија...

Словенија дава 2.000 евра за крава, Албанија го зголемува извозот, а Македонија станува зависна од увоз

Кравата во Словенија дава двојно повеќе млеко, но зад поголемото производство стои и многу поголема државна поддршка. Додека таму земјоделците, преку различни мерки, може да добијат и до 2.000 евра поддршка за едно грло, македонските производители се борат со ниски субвенции, високи трошоци и со неизвесен пласман. Албанија, пак, од земја зависна од увоз стана извозник на земјоделски производи. Земјоделците предупредуваат дека ако нема промена на аграрната политика, наскоро ќе ризикуваме наместо да извезуваме храна, да зависиме од соседите

0

Македонија сè повеќе заостанува зад европските земји, не само според висината на земјоделските субвенции туку и според продуктивноста и конкурентноста на домашното земјоделство. Разликите не се ограничени само на сточарството туку се присутни и во речиси сите сегменти на аграрната политика. Додека во Словенија вкупната поддршка за едно грло добиток може да достигне и до 2.000 евра, македонските сточари добиваат помалку од 150 евра за грло. Тоа се одразува и врз производството – словенската крава во просек дава од 7.000 до 8.000 литри млеко годишно, додека просечниот принос во Македонија е околу 3.000 до 3.500 литри.

Голема е разликата и кај другите мерки за поддршка. Во Словенија, млад земјоделец може да добие до 50.000 евра неповратна помош за почнување земјоделска дејност, додека во Македонија оваа поддршка изнесува 10.000 евра. Слична е состојбата и со директното плаќање за обработлива површина. Според земјоделците, во Грција поддршката достигнува околу 1.000 евра за хектар, а во Македонија изнесува околу 300 евра.

Земјоделците оценуваат дека токму ваквите разлики во државната поддршка ги прават производителите од соседните земји поконкурентни и им овозможуваат значително поголем извоз. Како пример ја посочуваат Албанија, која пред десетина години беше силно зависна од увоз на храна, а денес остварува извоз на земјоделски производи од околу 600 милиони евра. Наспроти тоа, Македонија во 2025 година извезла земјоделски производи во вредност од околу 500 милиони евра, додека увозот достигнал околу 1,5 милијарди евра, што укажува на сè поголема зависност од странска храна и на продлабочување на трговскиот дефицит во агросекторот.

– Ниските субвенции, ниските откупни цени и постојаниот раст на производствените трошоци сериозно го загрозуваат домашното производство и ја зголемуваат зависноста на земјата од увоз на храна. Намалената буџетска поддршка им ги одзема основните услови за опстанок, а во земјоделството веќе речиси и да нема заработка. Ако порано од нива од два декари можело да се прехрани едно семејство, денес тешко се враќаат дури и вложените средства – вели за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев претседател на Националната земјоделска мрежа.

Дополнителен проблем, според нив, е што субвенциите во Македонија се меѓу најниските во регионот. За споредба, Србија издвојува 1,25 милијарди евра за субвенции, Бугарија околу 1,6 милијарди евра, Грција околу 3,6 милијарди евра, додека во Македонија за 2026 година се предвидени помалку од 100 милиони евра. Од тие средства, значителен дел е наменет за исплата на заостанати обврски од претходните години, поради што реалната поддршка за тековното производство е уште помала.

– Србија во 2025 година оствари вкупен извоз на земјоделско-прехранбени производи од околу 7 милијарди евра, од кои околу 500 милиони евра се пласирани на пазарите во ЦЕФТА- регионот. За разлика од неа, Македонија извезе земјоделски производи во вредност од околу 500 милиони евра, додека увозот достигна околу 1,5 милијарди евра, што резултира со трговски дефицит од речиси една милијарда евра. Ова јасно покажува дека секој вложен денар во земјоделството не е трошок, туку инвестиција што се враќа повеќекратно преку зголемено производство, поголем извоз, нови работни места и поголема додадена вредност во домашната економија – појаснува Каракашев.

И Тони Максимов, оризопроизводител од Кочани и член на Здружението, вели дека субвенциите кај нас треба да се даваат за килограм, како во соседните земји, за да може да се стимулираат земјоделците да произведуваат повеќе.

– Српските и албанските производи се поконкурентни од нашите, затоа што се субвенционираат од килограм и имаат поголемо производство. Така, на пример, ние произведуваме 500-600 килограми ориз од хектар, а соседните земји над 800 килограми од хектар. Треба да се смени начинот на субвенционирање, бидејќи со сегашната државна поддршка се помагаат само големите земјоделци – изјави за Максимов весникот ВЕЧЕР.

Тој вели дека друг проблем е производствената цена, која кај оризот е 25 денари, а се откупува по 18 до 20 денари.

– Значи, наместо да се стимулира, на овој начин се дестимулира домашното производство и секој индивидуален земјоделец работи со загуба. Во услови кога нема гарантирани цени и гарантиран откуп, најмногу печалат трговците. За разлика откај нас, Европската Унија ги стимулира малите земјоделци и извојува 33 отсто од буџетот за нивна поддршка – додава Максимов.

И Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица, смета дека намаленото домашно производство, падот на извозот и сè помалите приходи на земјоделците се директна последица на погрешните политики во аграрниот сектор.

– Треба само да се погледне примерот со Албанија – каде беше пред десетина години, а каде е денес. Од земја што во голема мера зависеше од увозот на храна, стана производител и извозник на земјоделски производи. Државата вложи во земјоделството и покажа дека производството на храна е стратешки важно. Токму затоа денес нашите пазари се сè повеќе преплавени со албански производи. Ако продолжиме со истите политики и без сериозна поддршка за домашните земјоделци, ризикуваме наскоро да станеме целосно зависни од увоз, односно Албанија да нè храни – вели Велков.

Тој додава дека земјоделството не може да се развива без долгорочна стратегија, сигурен пласман и реална поддршка за производителите.

Земјоделците предупредуваат дека без поголема државна поддршка, сигурен пласман и промена на моделот на субвенционирање, домашното производство ќе продолжи да се намалува. Во услови кога соседите ги зголемуваат производството и извозот, Македонија ризикува сè повеќе да зависи од увозот на храна.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ