Германскиот електронски бенд „Крафтверк“ на 25 јули ќе настапи на Стадионот на АРМ во Скопје, во рамките на „Скопје колинг“.
Првпат во Скопје „Крафтверк“ одржа концерт во 2005 година, на Скопски саем, а потоа, во 2018 година, во салата „Борис Трајковски“ имаше и 3Д-концерт, настан со кој беше отворено 20. јубилејно издание на фестивалот „Таксират“.
Бендот е формиран во Диселдорф, Западна Германија, во 1970 година, од Ралф Хитер и Флоријан Шнајдер, кој го напушти во 2008 година.
Широко сметан за иноватор на електронската музика, „Крафтверк“ беше меѓу првите успешни бендови што го популаризираа жанрот. Тие влијаеја на низа уметници и жанрови, вклучувајќи синт-поп, хип-хоп, постпанк, техно, хаус-музика, амбиент и клупска музика.
Од 2023 година, па сѐ до денес во 2026, бендот го сочинуваат: Ралф Хитер (единствениот преостанат оригинален член), Хенинг Шмиц, Фалк Грифенхаген и најновиот член, Георг Бонгарц (кој го замени Фриц Хилперт).
Во Скопје настапуваат во рамките на својата нова турнеја „Мултимедија 2026“. Ова е нивни прв голем концерт на отворено во нашиот главен град.
Влијанието на овој германски состав врз современата музика (од техно до синт-поп) е огромно, а неговото враќање во Скопје ја продолжува неговата историја со македонската публика.
Фото: Скриншот од Официјалната веб-страница на „Крафтверк“












