Мештаните со брза интервенција го спасија Музејот од пламените јазици, додека институциите со години се прогласуваат за ненадлежни и ја оставаат првата партизанска печатница да пропаѓа. Првата илегална партизанска печатница ја отвори приказната за децениската институционална негрижа кон еден од најзначајните споменици на македонската Народноослободителна борба.  Во печатницата, во виорот на војната, биле отпечатени Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, првите броеви на весниците „Нова Македонија“, „Млад борец“ и „Македонка“, како и првиот дел од зборникот „Македонски ослободителни песни“ од Кочо Рацин

 

Пожарот што избувна на 16 јули во дворот на Меморијалниот музеј на првата партизанска печатница „Гоце Делчев“ во селото Битуше повторно ја актуализира потребата од итна санација, реставрација и целосна ревитализација на еден од најзначајните споменици од македонската Народноослободителна борба. Благодарение на брзата интервенција на локалното население, беше спречено целосно уништување на објектот, кој е прогласен за културно наследство, но пожарот, како што вели Иван Ивановски, очевидец од селото Битуше, кој и сам учествуваше во гаснењето на пожарот, предизвика оштетување на дел од објектот и уште еднаш ја отвори дилемата за неговата иднина.

– Пожарот почна од дрвата за огрев што ги има оставено приватно лице веднаш до Музејот. Тие беа потпрени на камениот ѕид од првиот кат и гореа во пламен, а огнот се префрли на вториот кат, на пердето од овој објект со стара мијачка архитектура. Кога го забележавме пожарот, веќе беше зафатен од пламен еден аголен дел од дрвената конструкција. Да не реагиравме во истиот миг, група битушани со црево и вода, огнот можеше да се прошири на целиот објект – посочи Ивановски.

Иван Ивановски

Тој вели дека овој објект, Меморијален музеј, со години е оставен без соодветна грижа, иако ентузијастите од Битуше претходно го обновиле, го санирале покривот, го оградиле просторот и поставиле спомен-плоча за паднатите борци од НОБ и биста на народниот херој Тихомир Милошевски-Тиќо. Тој тврди дека и претходно, во неколку наврати, испратил десетина писма до градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, предупредувајќи дека е Музејот во сериозна состојба, дека е оставен на забот на времето, без никаква институционална грижа, но добил одговор дека Општината не е надлежна за објектот и го упатиле да се обрати кај одговорните.

– Општината треба да се гордее со еден ваков споменик и музеј и да помогне во неговото обновување – додаде Ивановски.

Од Националниот конзерваторски центар, пак, кога стапи весникот ВЕЧЕР во контакт, не беа запознаени со инцидентот во Битуше, но ветија и веднаш го контактирале директорот на Националниот парк „Маврово“, кој кажал дека немало посериозна штета, дека горела само тревата. По разговорот, ветија дека ќе се ангажираат, но дури следната недела.

– Како и да е, ќе формирам екипа, која следната недела ќе излезе на увид за да се утврди штетата. Треба да се документира состојбата и да видиме за што, всушност, се работи. Доколку се утврди штета, секако, ќе се изработи проект. Пред 15 години, таму имаше интервенции, ама не се довршени, не знам од кои причини – посочи за весникот ВЕЧЕР директорот на Националниот конзерваторски центар, Александар Јорданоски.

Инаку, партизанската печатница „Гоце Делчев“ е формирана во виорот на војната, на 6 ноември 1942 година, во селото Битуше и претставува првата илегална партизанска печатница во Македонија. Во неа, до јуни 1943 година, се печателе прогласи, билтени, извештаи, брошури и друг материјал за потребите на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, како и за целокупното македонско народноослободително движење.

Во печатницата биле отпечатени Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, првите броеви на весниците „Нова Македонија“, „Млад борец“ и „Македонка“, како и првиот дел од зборникот „Македонски ослободителни песни“ од Кочо Рацин.

Објектот не бил случајно избран за илегална печатница. Неговата местоположба, непосредната близина на шумски појас и распоредот на просториите овозможувале безбедна работа и брзо засолнување во случај на опасност. И покрај бројните акции на окупаторските сили, печатницата никогаш не била откриена. На почетокот од јуни 1943 година, била префрлена во партизанската база на Лопушник.

По ослободувањето на Македонија, куќата била конзервирана и реставрирана, а во 1961 година во неа била поставена постојана историска и етнолошка изложба. Како Меморијален музеј свечено бил пуштен во употреба во 1970 година.  Оригиналната дрвена печатарска преса, пак, по војната била пренесена во Воениот музеј во Белград, каде што се наоѓа и денес.

Битуше има посебно место во историјата на Народноослободителната борба. Целото село активно го поддржувало движењето, од него произлегол народниот херој Тихомир Милошески-Тиќо, како и петмина носители на Партизанска споменица од 1941 година, додека 38 жители ги загубиле животите во Втората светска војна.

Иако печатницата е прогласена за недвижно културно наследство, со децении се соочува со запуштеност. За жителите на Битуше, печатницата не претставува само музеј туку и симбол на нивната историја и нивниот придонес во Народноослободителната борба. Тие очекуваат да не заврши обновата само со санација на оштетувањето од пожарот туку, конечно, да биде вратена музејската поставка и објектот повторно да стане достапен за посетителите, учениците, истражувачите и за туристите. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ