Тим археолози од прилепскиот Завод за заштита на спомениците на културата и музеј ги заврши заштитните археолошки истражувања на локалитетот Долиште кај селото Прилепец, каде што со претходните кампањи во 2022 и 2025 година беше истражувана просторија во која доаѓале луѓето и се релаксирале во топли базени, при што годинава се откриени уште три дела од оваа луксузна римска бања.

– Оваа просторија наречена лакониум, имала двоен под, односно горниот бил висечки и неговите подни керамички и мермерни плочки лежеле врз систем од столпчиња од кружни керамички тули. Топлината доаѓала низ цевководи, односно струел топол воздух меѓу двете подни нивоа. Овој т.н. хипокаустен систем на загревање е изум на богат граѓанин на Рим во 80 година пред нашата ера. Просторијата била со луксузен ентериер, односно со ѕидна оплата од мермени плочки декорирани со геометриски мотиви, а таванскиот симс се состоел од мермерни сегменти со профилација. Пред влезот во просторијата беше откриен масивен, мошне убаво обработен столб, исто така од мермер – објаснува раководителот на проектот, археологот Душко Темелкоски.

Тој додава дека годинава се истражувало западно од оваа локација, при што биле најдени уште три простории.

– Едната од нив е т.н. калдариум, односно просторија во која се потеле уживателите на благодатите на бањскиот комплекс, нешто слично како сауните во денешно време. И оваа просторија била со двоен под, односно со хипокаустен систем на загревање. Во неа и во уште една од новооткриените простории се евидентирани апсидални проширувања во кои биле малите кадички базени. За жал, ѕидовите од сите простории се, всушност, зачувани само во нивните најдолни партии, повеќето од нив дури само во нивните темели. Затоа не се откриени кадичките базени. За убавината на просториите зборуваат и пронајдените фрагменти од мозаици изработени од мали коцкести камчиња (тесери) во бела и во сина боја и тесери од стаклена паста со зелена боја – открива Темелкоски.

Истражувањата, вели, се планира да продолжат и следната година, кога треба да се откриваат неотворените делови од просторијата лакониум.

Секако, најголема желба на тимот археолози, истакнува Темелкоски, е да биде пронајдена плочка со испишано име на градот што егзистирал во античко време, меѓу селата Прилепец и Волково. Покрај бањата, која тековно се истражува, во минатото се истражени неколку пункта каде што се вршело погребување, како и делумно остатоци од две станбени градби. Од страна на мештаните на Прилепец, при земјоделски работи, се пронајдени повеќе мермерни архитектонски елементи од градби, како и мермерни плочи со натписи што зборуваат за значењето на сè уште непознатиот град.

Мошне вредна е и случајно откриената остава со над 200 сребрени тетрадрахми на македонски и на пајонски кралеви, која денес е изложена во Археолошкиот музеј во Скопје. Можно е градот да бил Пелагонија, престолнина на Пелагонците во раната антика, а по доаѓањето на римјаните на овие простори, еден од четирите главни града на провинцијата Македонија. За титулата на овој урбан антички центар, секако ,конкуренција е и просторот меѓу две други прилепски села, Бонче и Подмол, каде што наназад, повеќе од десет години, со заеднички сили истражуваат професорите од Филозофскиот факултет Виктор Лилчиќ Адамсен и Антонио Јакимовски со тимот на прилепски археолози, предводен од кустосот советник Душко Темелкоски со неговиот најблизок соработник, Владимир Крстески. Најголем адут за убикација на градот Пелагонија меѓу двете села Бонче и Подмол е монументалната раноантичка гробница од македонски тип. Во секој случај, енигмата продолжува, а со тоа и возбудата на археолозите. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ