Осмото издание на фестивалот на филм и на музика „Ѕирни“ ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври, на две локации во Скопје, во „Котур кафе“ и во Домот на АРМ. Филмската програма е поделена на интернационална и на национална официјална селекција, која брои седум скопски премиери на македонски кратки филмови, како и студентска селекција, но и три специјални проекции на кратки филмови на членови на тимот на „Ѕирни“. Филмовите од официјалната селекција ќе се натпреваруваат за наградата „Данчо Чеврески“, од студентската – за најдобар студентски филм, а 14 филма од целата филмска програма се во трка за најдобар филм според публиката. Покрај кратките филмови, во соработка со „Македокс“, ќе биде прикажан и еден долгометражен документарен филм: „Југо оди во Америка“, како и театарската претстава „Казабалкан“ во режија на Дамјан Костовски, по сценарио на Горан Стефановски.
Годинашното жири што одлучува за најдобар филм во официјалната селекција е во состав: Василис Терзополус, селектор на филмскиот фестивал за краток филм „Драма“ од Грција; Сара Климоска, македонска актерка и режисерка и Дарко Набаков, директор на фестивалот „Македокс“. Жирито, пак, што ќе одлучува за најдобар филм во студентската селекција ги вклучува: Тамара Ристоска, актерка; Атанас Велкоски, снимател и коселектор на кратката програма на ИФФК „Браќа Манаки“ и Игор Христов, режисер.
Придружната едукативна програма е распределена во текот на сите фестивалски денови и ќе почне со мастерклас на директорот на фотографија Самир Карахода, каде што публиката ќе има шанса да ги гледа неговите кратки филмови „In between“, „Displaced“ и „On the way“. Понатаму ќе се одржи работилница за глума пред камера и селфтејп-кастинг со Сара Климоска, како и панел-дискусија на тема „Жените што ги прават филмовитe реалност“ со продуцентките Ивана Шекуткоска, Сара Ферро и Марија Димитрова. Ќе има и панел-дискусија на тема „Улогата на фестивалите во креативното патешествие на краткиот филм“ со Марија Апчевска и Атанас Велкоски од „Браќа Манаки“, Петрула Велјановска од „Македокс“ и Василис Терзополус од фестивалот „Драма“. Едукативната програма ќе се заокружи со традиционалниот 48-часовен филмски предизвик предводен од Игор Христов и од предавачите Тамара Ристоска, Атанас Велкоски и Радован Петровиќ.
Музичката програма годинава брои седум диџеј-сета, меѓу кои Бојан Јанев, Андреа Салпе, Еми Ермилова, Давид Николовски, Андреј Влашки и Диџеј Чваре, Боле и Дабл Џи, како и пет концерти на бендовите „Оркестр ту пвисан Марсел Дишан“ од Швајцарија, „Лелее“ од Словенија, „Роза“ од Србија и домашните „Сам“ и „Хот џез-квартет“. Во рамките на придружната програма, ќе се отворат и две изложби: „Со сите наши чворови“ на Крстo Глигоријадис, курирана од Наде Циева, и групната студентска изложба „Во воздух“, во соработка со арт-платформата „Пионери“. Влезот за целосната програма на „Sирни 8“ е слободен.












