На 23. Издание на ФАД „Стоби“, „Лисистрата“ во изведба на Народно позориште „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин ја доби наградата за најдобра претстава во целина, а меѓу трите признанија со кои се закити Драмски, се наградата за главна женска улога на Јелена Жугиќ, за главна машка улога на Александар Степанулески и за најдобра режија на Дејан Пројковски за претставата „Падот на Масада“
Највисокото признание – Гран-при за најдобра претстава во целина ја доби „Лисистрата“ во изведба на Народно позориште „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија, а Драмскиот театар од Скопје се закити со три награди за „Падот на Масада“ на Фестивалот на античка драма „Стоби“ што вчеравечер заврши во Велес. Признанијата на добитниците им беа врачени на завршната фестивалска свеченост во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а по доделувањето на наградите, во чест на наградените, беше изведена претставата „Сите прекрасни нешта“, во продукција на Народниот театар Штип.
– Претставата „Лисистрата“ во режија на Никола Завишиќ на ансамблот од Зрењанин претставува тотален театарски триумф кој на годинашното фестивалско издание донесе беспрекорна естетска заокруженост, извонредна енергија и радикално свеж поглед кон класичното наследство. Храбра драматуршка концептуализација и јазична сочност, полифона колективна игра и силна женска енергија, музички ритам, прецизна кореографија и супериорна визуализација на претставата. Ова остварување се издвојува како врв на фестивалската програма поради својата способност античкиот бунт на Аристофан да го преточи во суров, кадарен и експлозивен современ театарски крик, се вели во образложението на жири-комисијата составено од Весна Димитровска-Бобевски, претседателка, и членовите Кети Борисовска и Пеце Ристевски, кои ја донесоа одлуката за најуспешните остварувања на фестивалот.
Од трите награди со кои се закити Драмски на ФАД „Стоби“, наградата за главна женска улога ѝ е доделена на актерката Јелена Жугиќ, додека признанието за најдобра главна машка улога му припадна на Александар Степанулески за претставата „Падот на Масада“.

Во одлуката на жирито се истакнува дека: „Јелена Жугиќ во ‘Падот на Масада’ носи специфична, силна емотивна тежина и суптилен цинизам и прикажува исклучителна актерска зрелост, суптилност и моќна сценска харизма. Исправена пред предизвикот да одигра повеќе карактери во колажниот наратив на Венко Андоновски, Жугиќ успева да создаде длабоко врежани, психолошки прецизни и емотивно повеќеслојни женски ликови и брилијантно балансира меѓу историскиот патос и современата отуѓеност и ладнокрвност во модерните сцени“.
Актерот Александар Степанулески, по неодамнешното добивање на наградата „Ристо Шишков“ во Струмица, и во Велес се овенча со признание.

– Со перформансот во „Падот на Масада“, тој докажува дека поседува врвна актерска зрелост, заслужувајќи го највисокото признание за машка улога на годинашното издание на фестивалот „Стоби“. Степанулески во претставата остварува импресивно, виртуозно и длабоко суптилно актерско достигнување, кое го потврдува неговиот исклучителен дијапазон и сценска моќ. Исправен пред предизвикот на сложената колажна структура на текстот, Степанулески маестрално води неколку дијаметрално спротивни ликови низ различни историски епохи. Со неверојатна емотивна и физичка прецизност, тој непречено преминува од улога во улога – градејќи го авторитетниот и трагичен лидер на Евреите во античка Масада, преку психолошкиот притисок на војводата на комитската чета, па сè до гротескниот фанатизам во ликот на Адолф Хитлер, истакнува жирито во образложението.
Наградата за најдобра режија, пак, ја доби Дејан Пројковски, за режија на истата претстава во продукција на Драмски.

– Пројковски во „Падот на Масада“ демонстрира исклучителна режисерска зрелост, храброст и инвентивност, нудејќи комплетно ново толкување на концептот на сценскиот простор и динамиката на ансамблот. Водејќи ја претставата низ сложена, колажна драматуршка структура составена од шест различни историски епохи, Пројковски успева да изгради хомогена, течна и моќна театарска целина. Режисерот гради прецизно сценско крешендо, балансирајќи меѓу трагичниот патос на антиката и суровата, тривијална реалност на модерното доба. Преку смелата одлука за активно вклучување на техничката екипа и самата публика во срцето на сценското дејство на малата сцена, тој создава ретка катарзична атмосфера каде што гледалиштето и сцената дишат како едно. Наместо својата препознатлива сценска грандиозност, режисерот овде се фокусира на камерниот, микропростор, овозможувајќи им на актерите виртуозни и брзи емотивни трансформации кои силно резонираат со публиката. Преку овие решенија, Пројковски не само што успешно го материјализира комплексниот текст на Андоновски, туку во контекст на фестивалот „Стоби“, отвора суштински дијалог за тоа како митот за античката жртва одекнува, паѓа и се преиспитува во денешното индивидуалистичко општество, додаваат од жири-комисијата.

Годинашното 23. издание на фестивалот, кој ја продолжува традицијата на поврзување на античката драмска литература со современиот театарски израз, се одржа од 15 до 24 септември. (Н. И. Т.)












