Кинематограферот Лукаш Жал за филмот „Татковина“ на познатиот режисер и оскаровец, Павел Павликовски ја доби „Златната камера 300“ на 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ што заврши синоќа во Битола.

Сместена во 1949 година, биографската драма ги следи нобеловецот, писателот Томас Ман и неговата ќерка Ерика на патување низ разурнатата и поделена Германија, по Втората светска војна. Филмот ја освои наградата за најдобар режисер на годинешниот Канскиот фестивал и е избран за кандидат на Полска за најдобар меѓународен филм за наградите Оскар. Тоа е третиот филм во трилогијата историски филмови, по „Ида“ (2013) и „Студена војна“ (2018), на Павликовски познат по својата воодушевувачка и визуелно беспрекорна црно-бела естетика. Со филмот „Татковина“, снимен во соработка со неговиот долгогодишен кинематографер Лукаш Жал (кој работеше и на „Ида“ и „Студена војна“) тој ја продолжува својата препознатлива црно-бела естетска линија и го заокружува својот специфичен филмски стил.
Наградата на Лукаш Жал, од страна на жирито на официјалната селекција Камера 300 кое го предводеше оскаровецот Воли Фистер, му е доделена не само за спектакуларната кинематографија, туку и поради приказната што филмот ја следи.
Кинематограферот Жал, во видео порака прикажана на свеченото затворање на фестивалот, рече дека поради работа на проект не е во можност да биде во Битола.
-Изненаден сум, почестен и жалам што не сум таму со вас. Му благодарам на жирито и на фестивалот, рече Жал.
Наградата „Сребрена камера 300“, пак, ја доби кинематограферот Жонгчијанг Лианг за кинескиот филм „Непозната девојка“ на Јинг Ѕоу, а „Бронзена камера 300“ му припадна на кинематограферот Паул Шпенгеман за српскиот филм „До крајот на денот“ на Јелена Максимовиќ.
Пред публиката во Битола со видео порака се обрати и Шпенгеман.
-Ова е прв пат да учестувам на „Браќа Манаки“ и прекрасно си поминав. Наградата ми значи многу и ќе им ја посветам на студентите во Белград кои сè уште се борат на улиците низ Србија, рече кинематограферот со ветување дека следната година повторно ќе дојде во Битола.

Во салата на Центарот за култура во Битола присуствуваше Жонгчијанг Лианг, добитникот на наградата „Сребрена камера 300“, кинематографер на филмот „Непозната девојка“.
Лианг рече дека иако филмот доаѓа од Кина, сепак приказната е универзална и се заблагодари на целата екипа особено на сопругата која е режисерка на филмот.
-Му благодарам на фестивалот „Браќа Манаки“ што имав неповторлива можност да се сретнам со мои идоли од светската кинематографија, да разговарам со нив и да се фотографирам, рече Лианг.

На присутните на свеченото затворање им се обрати директорот на фестивалот Димитрија Доксевски кој рече дека во изминатите седум дена се гледале филмови, мастеркласови, работилници, и се учеле децата да го сакаат филмот.
-Навистина сум многу горд и среќен сум што ова издание многумина од нас ќе го паметат цел живот. Имам многу идеи и мојот тим се потруди тоа да го реализира. Да живее „Браќа Манаки“ со многу љубов и многу почит, рече Доксевски заблагодарувајќи се на тимот и на публиката

За наградата Кристална камера 300 за студентската камера селектирана од Ханис Багашов одлучуваа Ана Сари, Елеонора Венинова и Мајкл Чонг. Наградата ја доби кинематограферката Милда Јуодвалките за филмот „Зад ридот на Наполеоновата капа“ за „емоционалната интелигенција со која нè воведува во приказната, водејќи нè низ спомените и сегашноста“.
Селекцијата на кратките филмови направена од Марија Апчевска и Атанас Велковски ја оценуваше истото жири и Мала златна камера 300 му додели на Хулијан Амару Естрада за филмот „Никој не го познава светот“ за „креативна разновидност со која камерата ја доловува суровата природа на општествената реалност и автентично го прикажува еден тежок свет“.


Документарната програма ја селектираше Кумјана Новакова одлучуваше жирито во состав Дани Салал, Ивана Хаџиевска и Лука Коасин. Железна камера 300 им доделија на двајца добитници: Бенџамин Ечазарета за филмот „Кракатауа“ и Максим Катари за „Убавината на магарето“.
-Кинематограферот Максим Катари ја пронајде соодветната дистанца на својот поглед за да ја раскаже приказната, додека Прецизната кинематографија на Бенџамин Ечазарета ја врамува бесконечноста. Тој нè пренесува од површината до срцето на нашата планета. Патување навнатре, кон самите себе, рекоа од жирито.
Лауреатите се заблагодарија од сцената во Битола и изразија среќа и задоволство што се дел од фестивалот годинава.
Специјално признание доби и кинематограферот Ала Кеир за филмот „Ништо не се случува по твоето отсуство“, за „вклопувајќи ја пустината во формат на слика 1.33, со ограничена опрема и специфична мизансцена, снимателот Ала Кеир испраќа силна порака: филмот е сведок на реалноста на луѓето“.

На свеченото затворање на 47. ИФФК „Браќа Манаки“ публиката беше сведок на аудио-визуелен микс помеѓу филмот, историјата и технологијата. Архитектурата на сцената во Центарот за култура буквално оживеа, трансформирајќи се во гигантско, пулсирачко виртуелно платно преку магичен 3D видео-мапинг кој ја остави публиката без здив.

Фестивалот се затвори со прикажувањето на дебитантскиот долгометражен филм на Срѓан Јаниќијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“. (Н.И.Т.) Фото: Фестивал „Браќа Манаки“












