четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Димитриеска-Кочоска: Ги штитиме интересите на граѓаните и бизнисот и покрај буџетскиот притисок

Димитриеска-Кочоска: Ги штитиме интересите на граѓаните и бизнисот и покрај буџетскиот притисок

36

И покрај обврските и предизвиците во Буџетот, Владата ги следи состојбите, презема внимателно мерки и одлучува навремено. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на конференцијата „Централното банкарство во услови на постојани светски промени: поттикнување стабилност, иновации и издржливост“ во организација на Народната банка.

„Притисокот што го имаме за сервисирање на обврските во наредните пет години се над осум милијарди евра и тоа е сериозен предизвик и сериозен притисок којшто го чувстува оваа Влада, затоа што ако се погледат податоците година за година ќе се види дека обврските за сервисирање се на историски највисоко ниво.  Дополнително,  за споредба ако во 2022 година каматните трошоци во Буџетот биле околу 1% од БДП, ние во 2026 година имаме каматни трошоци коишто се речиси 2% од БДП. Ова повеќе од јасно кажува колкав е притисокот и колкав е просторот во рамки на Буџетот за да се реагира, за Владата приоритет мора да бидат граѓаните и стопанството, затоа што ова е период во којшто сите држави реагираат и како резултат на тоа, норамлно е дека и ние треба да имаме одредени реакции“, истакна министерката.

Таа потенцира дека како држава одлично се справуваме со состојбата и додава дека најважно е  Владата  да ги таргетира внимателно мерките и да одлучува навремено. Оцени дека е многу лесно наеднаш да се донесе сет со мерки, но дека треба да се внимава дали со тоа можеби ќе се подгрее инфлацијата и секако дали има простор во буџетот.

„Многу е едноставно ако одлучиме денес да направиме буџетски дефицит од 8% како што имавме некогаш, но тоа некој во иднина треба да го плати. Сметам дека една одговорна влада треба да ги таргетира внимателно мерките и да одлучува навремено. Ова е момент кога и светските експерти зборуваат дека треба да се штеди. Треба да штедат и компаниите, домаќинствата треба да штедат сите. Затоа што никој не знае колку ќе трае. Затоа една реакција на Владата треба да биде внимателна,  како што рече и премиерот таргетирана и затоа неслучајно најпрвин тргнавме со ДДВ. Тука беа најповони условите. Понатаму како ќе налагаат потребите така ќе реагираме“, истакна Димитриеска-Кочоска, која што наведе дека буџетот се реализира на приходната страна согласно планот и дека во однос на претходната година приходите растат.

Министерката посочи на тоа дека во оваа состојба секој еден треба да даде придонес, вклучително и компаниите, кои преку разни механизми во изминатиот период биле помогнати и дека сега е момент кога тие треба да реагираат.

Исто така, наведе дека од важно значење е и комуникацијата и координацијата со Народната банка,  при што посочи дека во изминатиот период таа е континуирана бидејќи станува збор за криза во која мора да постои комуникација и координација со НБ не само од аспект на инфлацијата, туку и од аспект на креирање на мерките.

 

ИЗДВОЕНИ