вторник, јуни 16, 2026
Дома КУЛТУРА Денес го славиме ритамот, движењето и вечната врска меѓу телото и духот

Денес го славиме ритамот, движењето и вечната врска меѓу телото и духот

33

Денеска е Светскиот ден на танцот. По тој повод Националниот археолошки музеј ја сподели фотографијата на Фигурина на Менада, бронзена апликација од кратер која прикажува девојка во движење — танчерка, менада, со кренати раце и поглед свртен надесно. Изведена е во духот на архајската скулптура: широко отворени очи, нагласен нос и суптилна насмевка што ѝ дава живот и динамика.

Косата е стилизирана во плетенки, украсена со дијадема, додека телото е облечено во хитон со нагласени набори. Преку него е префрлена кожа од пантер — симболичен елемент поврзан со култот на Дионис — украсена со концентрични кругови и шепа поставена на левото рамо. Сето тоа е дополнето со појас кој ја нагласува формата и движењето.

Оваа фигурина била дел од бронзен кратер користен за време на баханалии — свечености во чест на богот Дионис, каде менадите биле негови верни придружнички, предавајќи се на танцот како форма на транс, слобода и духовно ослободување. И по 2500 години — танцот останува истата сила, велат од музејот.

ИЗДВОЕНИ