Со засадување 60 садници липа, членовите на „Ендуро тим“– Делчево реализираа акција за разубавување на централното градско подрачје во Делчево.
Акцијата е дел од поширока иницијатива за збогатување на зеленилото во градот, откако беа донирани садници липа со цел да се придонесе кон обновување на препознатливиот изглед на градот.
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, информираше дека донацијата е обезбедена од долгогодишен поддржувач на локални еколошки активности кој се вклучи во иницијативата за засадување нови дрвја во градот. Тој посочи дека, во минатото, Делчево било препознатливо како „град на липите“ и дека ваквите активности имаат за цел повторно да го вратат тој дух и традиција.
– Со заеднички ангажман на институциите, компаниите и граѓаните, можеме повторно да го обновиме зеленилото и да создадеме поубава и поздрава животна средина за сите жители на општината – истакна Гоцевски.
Тој додаде дека дел од садниците се наменети за јавни површини и ќе бидат засадени на повеќе локации во градот, во интерес на сите жители.
Покрај оваа донација, во иницијативата се вклучиле и повеќе општествено одговорни компании и граѓани, при што вкупниот број на обезбедени садници липа надминува 1.000 садници, што претставува значаен придонес за зголемување на зелените површини во градот.
Во рамки на акцијата, членовите на „Ендуро тим“засадија околу 60 садници липа во централното градско подрачје, со што, како што посочија, сакаат да придонесат за поубав изглед на градот и да ја поттикнат грижата за животната средина.
– Веруваме дека со мали дела можат да се направат големи промени во заедницата. Нека растат дрвјата, а заедно со нив и љубовта кон нашиот град – порачаа од „Ендуро тим“.
Иницијативата има за цел да поттикне поголема еколошка свест и активно учество на заедницата во создавање поубаво, позелено и поквалитетно урбано опкружување во Делчево.












