Општина Дојран започна со хортикултурно уредување и разубавување на шеталиштето во Стар Дојран, со цел да го облагороди просторот, кој подолго време изгледа запуштено.
Од Општината велат дека со оваа иницијатива ќе се врати сјајот на едно од најфреквентните и најпрепознатливи места покрај Дојранското Езеро.
Притоа, информираат дека се садат ново сезонско цвеќе и декоративни растенија за да се создаде пријатен амбиент за прошетка и одмор на жителите и на туристите. Истовремено, повторно се уредуваат постојните жардиниери, се кастрат и обликуваат зимзелените садници со отстранување на сувите и оштетени гранки и расчистување на дивата вегетација.
– Акцентот е ставен на обновување и ревитализација на зеленилото со внимателно одбрани видови што се приспособени на климатските услови во регионот, со што се обезбедуваат долгорочна одржливост и полесно одржување на јавните површини. Со редовно кастрење и со соодветна нега, постојните зимзелени форми добиваат уреден и репрезентативен изглед, а просторот станува побезбеден и попрегледен – соопштија од Општина Дојран.
Локалните власти апелираат до сите граѓани и посетители да го чуваат и почитуваат уредениот простор и со заедничка одговорност да се придонесе за почиста, позелена и поубава околина. Од Општината најавуваат дека ќе продолжат активностите за одржување и во наредниот период.












