–Сакам да нагласам дека не само во општина Куманово туку и во голем број други општини има значителен број дивоизградени објекти кои се изградени по датумот на донесување на Законот за легализација и кои не се опфатени со овој закон. Тие се водат како спорни објекти и на листата имаме преку 600 такви објекти, за кои не постои економска логика за нивно уривање – изјави градоначалникот  на Општина Куманово, Максим Димитриевски. Градоначалникот информираше дека веќе се разговара со претставници на Владата и со коалициските партнери за можноста за ново законско решение кое би овозможило дел од објектите изградени на приватно земјиште, а кои не го загрозуваат јавниот интерес, да добијат можност за легализација

 

Повеќе од 26.000 барања за легализација на бесправно изградени објекти се поднесени во Општина Куманово од донесувањето на Законот во 2011 година, а речиси шест илјади од нив сè уште не се решени. Дополнителен проблем претставува и фактот што значителен дел од предметите немаат комплетна документација, соопшти, градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.

Во општината се поднесени вкупно 26.256 барања за легализација, од кои 5.836 сè уште не се решени. Од нерешените предмети, дури 4.308 се некомплетни, што ја отежнува постапката.

–Законот за легализација е донесен 2011 година, а во три наврати наназад се продолжувани роковите за завршување на таа постапка. Постапката ќе продолжи согласно со последната измена на законот, која не се однесува на поднесување нови барања за легализација, туку првенствено на завршување на постапките што се веќе почнати – изјави Димитриевски.

Тој кажа дека проблемот со бесправната градба не е присутен само во Куманово, туку и во сите општини во државата. Дел од објектите, како што нагласи тој, се изградени по датумот на донесување на законот и затоа не можат да бидат опфатени со постојната законска рамка.

–Сакам да нагласам дека не само во општина Куманово туку и во голем број други општини има значителен број дивоизградени објекти кои се изградени по датумот на донесување на Законот за легализација и кои не се опфатени со овој закон. Тие се водат како спорни објекти и на листата имаме преку 600 такви објекти, за кои не постои економска логика за нивно уривање – рече Димитриевски.

Градоначалникот информираше дека веќе се разговара со претставници на Владата и со коалициските партнери за можноста за ново законско решение кое би овозможило дел од објектите изградени на приватно земјиште, а кои не го загрозуваат јавниот интерес, да добијат можност за легализација.

–Јас, како претседател на ЗНАМ, веќе разговарав и со премиерот и со останатите коалициски партнери. Работиме на заедничко решение со цел да се изнајде начин најголем дел од објектите изградени на приватни земјишта, а кои не го загрозуваат јавниот интерес, можеби во иднина да бидат опфатени со нов закон за легализација. Но, тие не би биле во привилегирана состојба, туку доколку еднаш ја злоупотребиле довербата, ќе треба да го платат најмалку полниот износ на комуналните давачки кон општините и кон државата – изјави Димитриевски.

Тој додаде дека донесувањето на вакво решение ќе зависи од парламентарното мнозинство, но посочи дека би било најдобро тоа да се постигне со поширок политички консензус.

– Би сакал да се донесе еден таков закон со апсолутен консензус, со што ќе се стави крај на дивоградбите во државата. Ќе се дојде до конечна сателитска снимка која ќе биде вградена како акт во законот, со цел да се спречат злоупотребите и преку дивоградба да се доаѓа до имотен лист – наведе Димитриевски.

Тој нагласи дека целта на институциите е да се стави ред во урбаното планирање, но и да се заштити јавниот интерес, додавајќи дека не е целта да се урива, туку да се гради, но и „секако дека секој поединец кој задира во државниот и во јавниот интерес ќе се соочи со уривање на бесправно изградениот објект“.

 

ИЗДВОЕНИ