Во оваа населба во центарот на Скопје сега владее вистински хаос, посебно во вечерните часови, кога младите се во кафеаните познати по бројноста во овој дел на градот. Автомобилите се паркирани по улиците, тротоарите се узурпирани од летните тераси, а пешаците нема каде да се движат. Од Општина Центар велат дека е во тек подготовката на барањето за затворање на потегот од улицата „29 Ноември“ до улицата „Отон Жупанчиќ“ и тоа во периодот од 18:00 часот до полноќ. Иако засега нема точно утврден термин за тоа, од локалната самоуправа повторно уверуваат дека ќе го реализираат

 

Иако на почетокот на годинава од Општина Центар најавија дека пред почетокот на летната сезона, од 1 април или 1 мај годинава, ќе започне реализацијата на пилот-проектот според кој се предвидува Дебар Маало да биде затворено за сообраќај од петок, од 18:00 часот до недела на полноќ, од тоа сè уште нема ништо. Овој пилот-проект прв пат беше претставен уште пред една година, во јуни лани.

Во оваа населба во срцето на Скопје сега владее вистински хаос, посебно во вечерните часови, кога младите се во кафеаните познати по бројноста во овој дел на градот. Автомобилите се паркирани по улиците, тротоарите се узурпирани од летните тераси, а пешаците нема каде да се движат. Нема доволно паркинг-места, па со часови се губи време за да се најде празен простор. Дополнителен проблем е и гласната музика.

Од Општината велат дека е во тек подготовката на барањето за затворање на потегот од улицата „29 Ноември“ до улицата „Отон Жупанчиќ“, и тоа во периодот од 18:00 часот до полноќ.

Иако засега нема точно утврден термин за тоа, од локалната самоуправа повторно уверуваат дека ќе го реализираат.

– Тоа е добро за безбедноста на сообраќајот. Убаво е Дебар Маало да стане чисто и проодно шеталиште без автомобили, да можат луѓето спокојно да се напијат кафе, да вечераат – нагласуваат општинските власти.   

Уште претходно, од Општина Центар тврдеа дека проектот бил предаден во МВР и оти оттаму се очекува согласност.

– Оттаму треба да дадат согласност. Ние им предложивме тоа да биде пилот-проект кој ќе се спроведува само за викенди, од петок од 18 часот, до недела до полноќ, бидејќи во тој период училиштата и градинките се затворени. Чекаме одговор за да видиме како финално ќе изгледа проектната документација – изјави на почетокот на оваа година, Кире Секуловски, раководител на Секторот за уредување на градежно земјиште во Општина Центар.

Тој додаде дека проектот е вграден во Програмата и во Планот за јавни набавки на Општина Центар.

Како што објаснуваа општинските власти, целта на овој проект е зголемување на безбедноста на пешаците, намалување на емисијата на штетни гасови, поттикнување на користењето на велосипедите како превозно средство, но и намалување на паркирањето на нерезидентни жители.

Овој пилот-проект би започнал со поставување на три рампи на улиците:  „Донбас“, „Алберт  Ајнштајн“ и „Андон Дуков“, а ќе можат да се паркираат само жителите, додека тие што не се резиденти нема да имаат пристап.

При најавата на проектот, од Општина Центар беше објаснето и дека ќе се направат кружни прстени за движење во три фази и ќе може да влегуваат само резиденти, односно жителите што живеат овде ќе добијат специјални дозволи  (картички), а  нема да можат да влегуваат жители што не се од тој реон.

Предвидено е да се стават вкупно девет рампи, а на делови каде што улиците завршуваат слепо, ќе биде регулирано со мобилна апликација за отворање на рампите. Беше напомнато и тоа дека во времето кога Дебар Маало ќе биде затворено за сообраќај, ќе може низ него да транзитираат жители од други општини и од други делови на Општина Центар и тоа само на 15 минути и оти на тој начин нема да се зголеми, туку, напротив, ќе се намали доаѓањето возила во Центар и се добива безбедно Дебар Маало или „сејфти“ Дебар Маало.

Воедно, планирано е да се воведат и посебни правила и за дотурот на стока. Нема да биде дозволен влез на возила потешки од 3,5 тони, освен ако не се работи за посебно одобрени ситуации со издадена дозвола од Град Скопје, која ќе важи наутро од 7 до 9 часот. За да се олесни снаоѓањето, ќе биде поставена и соодветна физичка сигнализација на булеварите „Партизански одреди“, „Климент Охридски“, „Илинден“ и на улицата „Рузвелтова“, со што ќе се информираат сите учесници во сообраќајот за новиот режим.

Од Општина Центар, при најавата на проектот нагласија дека доколку овој пилот-проект се покаже како успешен во Дебар Маало, ваков режим на сообраќај би можел да се примени во Градски парк, Буњаковец, Капиштец и во сите други зони на нејзината територија.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ