среда, јуни 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА На потпалувачот на возилата на бугарската амбасада ќе му се прави психијатриско...

На потпалувачот на возилата на бугарската амбасада ќе му се прави психијатриско вештачење поради нарушено психичко здравје?

368

Потпалувачот на возилата со дипломатски таблички во сопственост на бугарската амбасада паркирани пред нејзиниот влез е во притвор. Судот одлучи да го прифати барањето на обвинителството и му определи притвор од осум дена време потребно да се соберат сите докази со кои осомничениот скопјанец ќе се изведе пред судот во брза постапка.

Неговата адвокатка по службена должност Лидија Ристовска за весникот Вечер потврди дека 44 годишниот маж пред судијата на претходна постапка не негирал, признал дека во понеделникот се качил на автобус од Драчево, се симнал во Центар, отишол кај бензинската отспротива , наполнил бензин во шише и ги полил возилата паркирани пред амбасадата. Адвокатката на осомничениот вели дека осомничениот поседува лекарска документација за влошена психичката состојба, неговата мајка телефонски ја информирала за здравствената состојба, а имал доживеано и сообраќајна несреќа. „Според ова веројатно дека ќе се побара психијатриско вештачење за осомничениот“, ни изјави Ристовска.

Потпалувачот е снимен со безбедносни камери поставени на бугарската амбасада, во истрагата е осомничен за кривично дело Предизвикување општа опасност од член 288 став од Кривичниот законик.

„ На 16.06.2026, Одделението за криминалистички работи – Центар и Бит Пазар поднесе кривична пријава по итна постапка против И.Д.С.(44) од Скопје, поради основано сомнение дека го сторил наведеното кривично дело. Во текот на истрагата беа обезбедени материјални докази, меѓу кои и снимки од видео надзор од повеќе локации, како и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото. Во полициска станица, осомничениот го признал извршувањето на кривичното дело“, велат од МВР

Пожарот што го предизвикал осомничениот беше веднаш локализиран од тројца пожарникари, а со ПП апарат гаснел и бугарскиот конзул во Скопје. Обвинителството најави дека истрагата ќе се води по брза постапка, а премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш повтори дека очекува дека ќе биде расветлено сè она што е во заднина на случајот со палењето на двете дипломатски возила на Амбасадата на Бугарија во Скопје.

„Одземени се и неговите уреди за комуникација, да видиме со кого имал комуникација периодов, да ја видиме содржината на таа комуникација“,изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања. Прашан за коментар на изјавите на бугарските власти во врска со настанот, меѓу кои и на претседателката Илијана Јотова, која инцидентот го оцени како напад врз Бугарија, премиерот изјави дека не треба да се избрзува со квалификации: „Но, она кое сакам да го кажам е дека најсилно го осудуваме како Влада и во рамки на законските ингеренции што ги имаме ние така и ќе постапиме. Очекувам дека ќе биде расветлено сè она што е во заднина на овој случај“, изјави Мицкоски. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ