четврток, јуни 18, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски упати сериозни критики кон соработниците – фотелјата не смее да биде...

Мицкоски упати сериозни критики кон соработниците – фотелјата не смее да биде помила од народот: Опомена до функционерите: Ако сте уморни, заминете!

Партискиот лидер и премиер, Христијан Мицкоски, упати повеќе пораки во кои доминираа оние дека државата забрзува напред со силата на народот, но и остри критики до функционерите на кои приватните патувања им станале помили од посетата на села и на градови. – Неговото обраќање наликува на обид и намера да се внесе нова енергија меѓу членството и во општеството, бидејќи секоја власт, по извесно време, се (пре)заситува – смета политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски

1

Внесување нова енергија и мобилизација на партиското членство и во општеството по двегодишното практикување власт, кое предизвикува најразлични оцени во пресрет на расчистувањето на дилемата дали напролет в година да има предвремени избори. Во тоа име се и пораките од оние за забрзување на развојот на државата, преку потенцирање на досега направеното, па сè до критика за функционерите што не работат добро и се отуѓиле од народот и казнување на поранешните раководители што се огрешиле од законот. Односно дека владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ е „подготвена заедно со народот“. Во рамките на ваквите оцени може да се доживее синоќешното обраќање на премиерот и партиски лидер, Христијан Мицкоски, на прославата на 36. годишнина од основањето на партијата во Струмица. Такво е и мислењето на политичките аналитичари за главните поенти во неговото обраќање, кои се однесуваа на состојбите во земјава и од кои може да се види какви се неговите оцени, но и планови за во иднина.

Премиерот Мицкоски веднаш на почетокот на своето обраќање рече дека е свесен дека има и такви што ќе речат дека прават недоволно, а може повеќе и дека трпението е помало. Но, состојбите, сепак, се движеле напред.

– Собрани сме да покажеме дека Македонија повторно има надеж, повторно има визија, има народ што верува во себе. Ова е народна сила. Ова е гласот на народот, на луѓето што со години не се откажуваа од својата татковина, кои останаа исправени и кога беше најтешко. Правиме чекори напред. Мали, можеби, не толку големи, но сигурни, сигурни и покрај илјадниците проблеми што ни се оставени. Од Струмица испраќаме една јасна порака: Македонија забрзува и нема назад! Тие мали чекори во времето што доаѓа ќе бидат уште побројни чекори, но сигурни – потенцира македонскиот премиер.

Функционерите недостапни за народот

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски смета дека целиот дух на говорот и кажаното во голема мерка наликува на обид и намера да се внесе нова енергија меѓу членството и во општеството по истекот на две години од мандатот и процена дека има замор и забавување.

– Неговото обраќање, веројатно, наликува на таков обид. Секоја власт, по извесно време, се (пре)заситува. Оваа влезе со големи очекувања и големи ветувања, а врз база на тоа, кај одреден дел гласачи има и големи разочарувања. Премиерот Мицкоски е, веројатно, свесен за тоа и сака да внесе нов импулс во владејачката партија во комуникацијата со јавноста и кон граѓаните гласачи – анализира Атанасоски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Лидерот на владејачката партија потсети и на нејзиниот историјат, за значењето за македонскиот народ и неговата борба за слобода и дека се „предодредени да работат и се жртвуваат за својот народ, граѓаните, каузата и татковината“.

– Затоа нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа било така и низ вековите. Нашата задача е борба за она во што веруваме и сè додека сме силни, обединети и правиме добро за државата, тогаш татковината ќе има сила. ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од партија. ВМРО е име што се памети. Име што носи тежина. Име што буди чувство. Име натопено со солзите на генерации борци. Со денешен речник кажано, ВМРО е најголемиот македонски политички бренд – нагласи Мицкоски.

Одредено изненадување беше и остриот вокабулар што го употреби во делот на говорот што ѝ беше посветен на претстојната реконструкција на Владата, односно на слабостите во работењето.

– Очигледно, има и такви на кои фотелјата им стана помила од контактот со народот. Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетата на селата и на градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме. Ова е порака дека нема да има толерирање занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи. Кога јас можам да одговорам во текот на денот на стотици луѓе, на пораки, можеби ќе задоцнам по некој ден, може секој да го прави тоа и секој заслужува одговор, овој стопати ми пратил, 101 ќе одговорите. Не прифаќам оправдување од ниту еден именуван функционер дека е уморен. Ако е уморен, чесно е да си оди. Ние сме тука да работиме и ќе работиме до последниот атом од силата, сè додека нè служи – потенцира премиерот, кој денеска ги почнува разговорите со владините партнери за кадровските промени во својот кабинет.

Во досегашните јавни настапи, тој досега не кажа вакви директни и тешки критики на адреса на дел од функционерите во владините ешалони. Аналитичарот Атанасоски смеат дека ова е и недвосмислена порака дека ќе бидат сменети некои министри.

– Долго време се шпекулира и најавува реконструкција на владејачката композиција. Па оваа упатена критика оди во таа насока, дека наскоро ќе им се „заблагодарат“ на некои министри за досегашната работа. Прашање на време е само кои и колкумина ќе бидат – објаснува Атанасоски.

Збивање на партиските редови пред можни избори

Лидерот на владејачката партија порача дека нема никакво пазарење со функционери од претходната владина гарнитура да не бидат казнувани за криминал. Тие, според него, ќе бидат гонети, бидејќи немало пакт со криминалците и дека единствен проблем се „малкумина, корумпирани судии“. Особено се осврна на опозицијата и на можноста да има предвремени парламентарни избори.

– Ние не се тркаме со опозицијата. Тие одамна не се никаков репер. Сакам да им испратам една порака: да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, да не се силат, затоа што знаеме дека во себе носат срце на кукавици, затоа што може и да им се оствари тоа што го посакуваат. А кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна. Ние сме подготвени, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се подготвени за секое сценарио – рече тој.

За аналитичарот Атанасовски, ваквата порака може да се доживее како подготвеност за нови избори в година.

– Може и така да се протолкува. Во јавноста веќе извесно време провејува тезата дека е можно да се случат предвремени парламентарни избори, па спроти нив, на реконструкцијата, може и да се протолкува како знак за збивање на партиските редови и испорачување на задоволителни резултати пред одржување на истите – потенцира овој аналитичар во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Најголемата опозициска партија, СДСМ, вчера реагираше за прославата на ВМРО-ДПМНЕ.

– Колку ги чинеше граѓаните на Македонија прославата на Мицкоски и на ВМРО во Струмица? 300.000 евра? 500.000 евра? Или многу повеќе? Превоз со автобуси, списоци од вработени во јавната администрација од цела Македонија, дневници? ВМРО со народни пари и со партиската војска во јавната администрација ги слави безидејноста на своето владеење и изолацијата од ЕУ. Нема пари за повисоки плати, нема пари за субвенции за земјоделците, нема пари за 600 евра минимална плата, нема пари за поддршка на младите… има пари само за криминални тендери и за луксуз за владејачката ВМРО, одлепена од реалноста – се наведува во партиската реакција. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ