Македонската машка сениорска ракометна репрезентација, вечерва од 19:00 часот, на домашен терен во СЦ „Борис Трајковски“, против селекцијата на Луксембург, ќе ги почне квалификациите за пласман на Европското првенство во 2028 година. „Црвено-жолтите“ влегуваат како апсолутни фаворити во овој дуел. На домашен терен, пред верната публика, целта е експресна и убедлива победа за отворање на квалификациите со освојување два бода.
Селекторот на репрезентацијата, Кирил Лазаров, смета дека неговите избраници веќе имаат големо искуство и очекува да ја оправдаат фаворитската улога на првиот квалификациски натпревар.
– Веќе имаме големо искуство зад себе. Очекувам да бидеме на потребното ниво во текот на овој натпревар, но ќе барам внимателност од момците, затоа што Луксембург не е наивна екипа, а од неодамна има и селектор со големо искуство. Немаме многу видеоматеријали од играта на противникот, но знаеме дека поседува квалитет и нема да се залажуваме пред почетокот на мечот. Максимално го искористивме краткиот период за подготовка и очекувам да бидеме прецизни и фокусирани на мечот.
Имаме и нов играч во тимот, тоа е Дмитро Хорига. И на прес-конференцијата кажав за него дека се работи за квалитетен ракометар, кој изрази желба да игра за Македонија. Играше за Вардар, нашата јавност го знае многу добро. Сега е член на ПИК Сегед, каде што очекувам уште повеќе да напредува. Со него добиваме поширока ротација и конкуренција во составот, па се надевам дека ќе ни биде од корист на мечевите што следуваат – изјави Лазаров.
Дека Луксембург е селекција што не треба да се потцени, вели и голманот Мартин Томовски, кој покажа дека е во одлична форма на натпреварите во Бундес лигата.
– Луксембург не е селекција што треба да се потцени, така што мораме да бидеме максимално фокусирани. Ќе дадеме сè од себе да ѝ се радуваме на првата победа во овој европски циклус. Се разбира дека натпреварите со Луксембург и со Грција ќе ни бидат еден вид подготовка за она што ни следува во јануари: настапот на Светското првенство. Немаме многу време до тоа првенство, но да го искористиме овој собир максимално. Имаме нов играч, кој треба да се уигра во екипата. Атмосферата во селекцијата е одлична, се надевам на одлични настапи и на напредок во секој сегмент – кажа Томовски.
Освен со Луксембург, нашите ракометари ќе играат во квалификациската група и против Грција, на гостински терен, и со Словенија.












