четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Цените растат, власта тврди дека нема енормни поскапувања

Цените растат, власта тврди дека нема енормни поскапувања

172

Поскапувањето на основните прехранбени производи и порастот на цените беа во фокусот на седница за пратенички прашања во Собранието, каде што пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, побара одговори од министерот за економија, Бесар Дурмиши, за мерките што се преземаат за ублажување на економскиот притисок врз граѓаните.

Спасовски предупреди дека економската криза „веќе тропа на секоја врата“ и дека зголемените цени директно го погодуваат животниот стандард. Тој посочи дека, иако кризата има глобален карактер, ефектите во Македонија силно се чувствуваат, особено преку поскапувањето на нафтените деривати и нивното влијание врз цените на храната.

Како илустрација, наведе конкретни примери за пораст на цените во рок од само една недела – маслото од 74 на 93 до 118 денари, кафето од 104 на 120 до 140 денари, меленото месо од 638 на 730 до 849 денари, пилешкото месо од 376 на 401 до 493 денари, млекото од 56 на 67 до 78 денари, а јајцата од 103 на 148 денари. Дополнително, според него, цените на зеленчукот достигнуваат високи нивоа, при што пиперките се околу 300 денари, а доматите над 200 денари за килограм.

Тој праша дали Министерството планира нови мерки за справување со состојбата, нагласувајќи дека досегашните политики не дале навремен ефект и дека реалноста во маркетите не одговара на официјалните статистики.

Министерот Дурмиши во одговорот истакна дека Владата веќе презела мерки што даваат резултати, посочувајќи го намалувањето на ДДВ за нафтата од 18 на 10 проценти и контролата на цените кај основните производи. Тој нагласи дека Македонија, како увозно зависна земја, е изложена на надворешни ценовни шокови, но додаде дека цените на горивата во државата се меѓу најниските цени во регионот.

За спречување злоупотреби, како што рече, Државниот пазарен инспекторат ангажирал 30 мобилни тимови кои вршат засилен надзор, при што досега не се утврдени енормни зголемувања на цените. Дурмиши нагласи дека инфлацијата бележи пад во последните два месеца, што е сигнал за стабилизирање на економијата.

„Не тврдам дека ситуацијата е идеална, но успеавме да создадеме стабилност и нема да дозволиме кризата да се злоупотреби на штета на граѓаните“, изјави министерот.

Спасовски возврати дека станува збор за „генерални флоскули“ и дека состојбата на терен е поинаква од она што го презентира Министерството, додавајќи дека секој граѓанин секојдневно го чувствува порастот на цените. Тој ја оспори и изјавата дека земјава има најниски цени на горивата во регионот, наведувајќи дека дизелот во Словенија е поевтин отколку во Македонија.

ИЗДВОЕНИ