четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Дел од работниците веќе добија повисоки плати, останатите ќе ги добијат за...

Дел од работниците веќе добија повисоки плати, останатите ќе ги добијат за неколку дена

Новата минимална повисока плата, која изнесува 26.046 денари, излезе во „Службен весник“. Сметководителите веќе ги прават пресметките на новиот повисок минималец, кој фирмите ќе почнат да го исплаќаат од следниот месец, од 1 па сè до 15 април. Согласно со Законот за минимална плата, таа треба да биде поголема за 1.667 денари и ќе изнесува 26.046 денари нето, односно 38.507 денари бруто. Тоа значи дека придонесите за пензиско и здравствено осигурување ќе изнесуваат 12.461 денари. Синдикатите се незадоволни од зголемувањето од 1.667 денари кое одамна е изедено од инфлацијата и допрва ќе има зголемување на цените на прехранбените производи поради зголемените цени на енергентите

1119

Мартовската минимална нето-плата, која согласно со Законот за минимална плата е поголема за 1.667 денари, излезе во „Службен весник“. Според пресметките, таа ќе изнесува 26.046 денари нето и 38.507 денари бруто. Од Владата не попуштија на притисоците од Сојузот на синдикати на Македонија да има интервентно зголемување на минималецот надвор од законската рамка. Синдикатите и натаму инсистираат минималната плата да се зголеми на 600 евра, бидејќи, како што велат, ова зголемување од 1.667 денари е одамна изедено од инфлацијата, имајќи предвид дека поради зголемените енергенти и војната на Блискиот Исток, се качија цените на речиси сите производи и услуги.

Веќе се прават пресметки на новиот повисок минималец кој фирмите ќе почнат да го исплаќаат од следниот месец, од 1 па сè до 15 април, а оние што ќе го задоцнат овој рок, ќе платат камата во државната каса.

– До 10 април треба мора да се изготват пресметките за новиот минималец, а исплатата треба да биде најдоцна до 15 април. Инаку, согласно со Законот за минимална плата, таа треба да биде поголема за 1.667 денари и ќе изнесува 26.046 денари нето, односно 38.507 денари бруто. Тоа значи дека придонесите за пензиско и здравствено осигурувањето ќе изнесуваат 12.461 денари. Така што, во државата веќе нема да има пониска плата од законски утврдениот минималец, односно најниската плата во сите сектори ќе биде 26.046 денари, изјави за весникот ВЕЧЕР Драган Митковски, сопственик на сметководствено биро.

Според него, административното покачување на платите што го бараат синдикатите нема економска логика и тешко може да се оствари. Во државата, 97 отсто се микро и мали претпријатија и ако ја зголемат минималната плата, тоа сериозно ќе им се одрази на работењето. Така на пример, една фирма која има 10 вработени, само за придонеси дава 130 илјади денари месечно, а за цела година треба да издвојат милион и пол само за државата.

– Нема поголемо зголемување на минималецот од законското усогласување од 1.667 денари, бидејќи новата минимална плата веќе излезе во „Службен весник“. Во некои компании ќе се зголемат останатите плати, а во некои не. Во секоја фирма различно, во зависност од тоа како е договорено во колективниот договор. Таму каде што има синдикат, ќе има зголемување и на останатите плати, изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Според договорот, во јавниот сектор на 11 илјади вработени, освен што ќе им се усогласат платите со минималната, ќе добијат и зголемување за 8 отсто. Во приватниот сектор, пак, има компании, претежно во градежната и металната индустрија, кои не го чекаа законското зголемување на минималецот во март и ги зголемија платите на своите вработени од 3.000 до 5.000 илјади денари.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека вработените во образованието и вработените во здравството, во април, ќе го добијат покачувањето што е дел од колективниот договор. Тој информираше дека, во вторникот, на владината седница поминал и предлог-колективниот договор, кој државните институции ќе треба да го потпишуваат со вработените во администрацијата. Со тоа, вработените за две години би имале за 40 проценти повисока плата од онаа што ја имаат денес.

Премиерот рече дека вработените во јавната администрација веќе во април ќе добијат плата согласно со новата пресметка.

–Таа плата би била повисока за линеарното нивелирање на сите вработени во јавниот сектор, зголемена за 8 %. Така ќе биде во април 2027, така ќе биде во април 2028. Значи дека за речиси две години од денеска, вработените ќе имаат повисоки примања за 40 проценти од онаа што ја имаат денес. Овој договор претставува прв од таков вид што Владата некогаш го потпишала со овие вработени, рече Мицкоски.

Тој појасни дека списокот се проширил и оти зголемување ќе добијат и вработените од обвинителската и од судската служба. Со овој договор се опфатени околу 10 илјади вработени.

– Генерално, ССМ не е задоволен од ваквото зголемување на платите бидејќи цените на храната, поради зголемените енергенти како резултат на војната на Блискиот Исток, значително се зголемија. Допрва ќе има зголемување на цените на прехранбените производи, така што овие 1.667 денари зголемување на платите се одамна изедени од инфлацијата, посочи Пешевски.

Синдикалната минимална кошница покажа дека, во март, на едно четиричлено семејство му биле потребни 67.818 денари за основните трошоци, а со кирија сумата расте над 83 илјади денари. Само во првите три месеци од 2026 година кошницата е повисока за 2.326 денари, а само во март пораснала за 436 денари во однос на претходниот месец.

Од Демократската унија за интеграција – ДУИ сметаат дека ова е симболично зголемување на платите, бидејќи трошоците за една година се зголемени за 6.000 денари

– Цените на храната, електричната енергија, горивата и основните услуги бележат континуиран пораст, додека мерките на Владата остануваат задоцнети и недоволни. Наместо системско решение, граѓаните добиваат зголемување со кои не можат да ги покриваат ни трошоците за храна и пијалаци, велат од партијата и оценуваат дека е неопходно итно преземање конкретни мерки за стабилизирање на цените и заштита на животниот стандард.

Тие бараат зголемување на минималната плата на 35.000 денари за да се спречи трендот на осиромашување на граѓаните и зголемување на социјалната нееднаквост.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ