четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Ќе се бере див лук, најдобриот природен антибиотик

Ќе се бере див лук, најдобриот природен антибиотик

364

Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ на 19 април, по шести пат, ќе ја организира традиционалната „Сремушијада“, односно берење див лук.

Стартот на турата ќе биде во 8:00 часот, од паркингот под манастирот „Свети Архангел Михаил“, кој се наоѓа пред Кучевиште, до каде што може да се дојде со сопствен превоз или со автобус со бројот „61“, кој тргнува од Транспортниот центар во 6:45 часот, додека автобус за назад има во 16:30 часот. Потоа ќе продолжи движењето по царевата патека, кон Долна Ливада и Царева Чешма, а враќањето ќе биде по истата патека.  

– По патеката ќе се движиме во група, според темпото на најбавниот учесник на турата, ќе правиме повеќе кратки паузи и една поголема пауза на средина од патеката – велат од Здружението.

Од опрема, учесниците на турата е потребно да имаат: разгазени гојзерици, облека според временските услови, мантил за заштита од дожд, стапчиња за помош при движење по патеката, вода и храна според своите потреби.

Во рамките на турата ќе биде организирана хуманитарна акција за помош за лице со посебни потреби. Секој учесник може да донира по 100 денари. 

Инаку, дивиот лук расте на почетокот од пролетта. Оваа самоникната шумска билка Allium ursinum, позната и како сремуш, див лук и шумски лук, често се нарекува и мечкин лук, затоа што е вистински пролетен деликатес не само за луѓето туку и за мечките.

Се препознава по интензивниот мирис на лук. Тој е силен природен антибиотик, кој изобилува со витамин Ц, сулфурни соединенија и со други бројни лековити состојки. Во литературата за народна медицина се наведува дека е подобар дури и од лукот поради тоа што е самоникнат, не е третиран со пестициди, а е и полековит.

Дивиот лук содржи алицин, етерични масла, алисулфиди и полисахариди, а вкусните млади изданоци, од кои може да се направат салати, крем-супи, песто, ароматично масло, тинктури и слично, содржат од 20 до 50 милиграми витамин Ц и каротин. Содржи и вредни минерални соли.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ