– Годинашното издание на фестивалот „Credence Dance“ повторно ќе донесе интересна и разновидна програма и значајни гости. Веќе сериозно сме навлезени во реализацијата, денеска ни пристигнаа гостите од Кина и од САД, кои ќе настапат на првата, односно на втората фестивалска вечер. Покрај нив, имаме гости од десет земји и од четири континенти. Особено продуктивно за нашите студенти е да се учествува заедно со колегите од различни краишта на светот, да се споделуваат искуства и да се градат мостови на соработка. Особено сме возбудени за продукцијата која ја работиме и која претставува целовечерна претстава, односно вистински македонски продукт во форма на мјузикл каде што се ангажирани студенти од ФМУ, од катедрите за балетска педагогија и за популарни жанрови, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Како и секоја година, интенција е популаризација на танцовата уметност и доближување до македонската публика, поради што влезот е слободен и секој може да присуствува на оваа ретка можност да го види танцовиот свет во мало, овде, во Скопје, од 20 до 26 јуни – изјави за весникот ВЕЧЕР проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, продекан на Факултетот за музичка уметност

Четвртото издание на фестивалот „Credence Dance – Вечери на класичен и на современ танц“, во организација на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, ќе се одржи од 20 до 26 јуни, во Скопје.

Во рамките на четирите фестивалски вечери ќе биде претставен широк спектар на танцови форми – од класичен и современ танц, преку џез-израз, па сè до експериментален движечки јазик. Покрај тоа, во оф-програмата ќе се одржат семинари за современ танц и за класичен балет.

Оваа година фестивалот обединува над сто учесници од четири континенти, а публиката ќе има можност да ги проследи настапите на изведувачи и на кореографи од Кина, САД, Бразил, Јужна Кореја, Германија, Шпанија, Италија и од Македонија. Основната цел на „Credence Dance“ е промоција на новата генерација танчари и кореографи, кои се на почетокот на својата кариера. Со тоа фестивалот станува своевидна ревија на таленти и простор за создавање и споделување креативни концепти.

Како новина, оваа година ќе се одржи премиера на мјузиклот „Авантурата Њујорк“, дело во целосно авторство на македонска екипа и изведувачи, пред сè студенти и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Ова претставува значаен исчекор во афирмацијата на домашната музичко-сценска продукција и збогатување на културниот простор со македонски продукт.

Традиционално, фестивалот ја доделува наградата за трајни вредности во танцот, која оваа година постхумно му беше врачена на Марин Црвенов – првенец на Македонскиот народен театар, кореограф и педагог. Тој е запаметен како уметник што со својата блескава техника, рафинираниот настап и уникатниот сценски манир ја поврза првата генерација танчари со следните, оставајќи трајна вредност во македонската танцова уметност.

– Годинашното издание на фестивалот „Credence Dance“ повторно ќе донесе интересна и разновидна програма и значајни гости. Веќе сериозно сме навлезени во реализацијата, денеска ни пристигнаа гостите од Кина и од САД, кои ќе настапат на првата, односно на втората фестивалска вечер. Покрај нив, имаме гости од десет земји и од четири континенти. Особено продуктивно за нашите студенти е да се учествува заедно со колегите од различни краишта на светот, да се споделуваат искуства и да се градат мостови на соработка. Особено сме возбудени за продукцијата која ја работиме и која претставува целовечерна претстава, односно вистински македонски продукт во форма на мјузикл каде што се ангажирани студенти од ФМУ, од катедрите за балетска педагогија и за популарни жанрови, како и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Како и секоја година, интенција е популаризација на танцовата уметност и доближување до македонската публика, поради што влезот е слободен и секој може да присуствува на оваа ретка можност да го види танцовиот свет во мало, овде, во Скопје, од 20 до 26 јуни – изјави за весникот ВЕЧЕР проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, продекан на Факултетот за музичка уметност.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и се одржува во рамките на програмата за одбележување на 60-годишниот јубилеј на Факултетот за музичка уметност, под покровителство на претседателката проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова. Претставите ќе се одржат во Националната опера и балет, а влезот за сите четири фестивалски вечери е слободен.

ИЗДВОЕНИ