Под мотото „Од котлето на традицијата до иднината на гастрономскиот туризам“, синоќа во Битола почна првиот меѓународен натпревар на готвачи од Македонија, Турција и Унгарија, учесници на манифестацијата „Чкембе фест“.
Викенд натпреварот кој се одржува на плоштадот „Магнолија“ во Битола го отвори градоначалникот Тони Коњановски кој истакна дека новата оригинална манифестација е можност за современа туристичка и гастрономска понуда.
-Гастрономијата и туризмот, културата и забавата, како инспирација за фестивалот, се нова можност Битола да добие уште еден препознатлив настан кој ќе прерасне во традиционален. Гостопримството на Битола повторно се претставува пред домашите и странски посетители, истакна Коњановски.
Првите количини чкембе чорба беа вкусени синоќа, а денес ќе се одвива натпреварувачкиот дел во кој ќе учествуваат девет готвачи од Битола, Куманово, Скопје и од турскиот град Измир. Готвачите ќе ги оценува стручна комисија, а најдобрите ќе бидат наградени на свечена гала вечера.
Првото издание на манифестацијата „Чкембе фест Битола 2026“ го организираат Здружението за културни, уметнички, традиционални и забавни активности „Гурман плус“ Битола и Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ од Битола, од каде што најавија дека од 9 до 11 октомври, Битола ќе биде центар на добра храна и незаборавна дружба.












