Патот Куманово – Свети Николе кај селото Скачковце сè уште не е официјално пуштен за сообраќај во двата правци, откако утрово товарно возило се излизгало и се испречило на коловозот. Сепак, со помош на полицијата, внимателно се пропуштаат лесни возила, но само по едната страна од коловозот, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Поради излизгување на товарно моторно возило во утринските часови на патниот правец Куманово – Свети Николе, патниот правец сè уште официјално не е пуштен за движење во двата правци, иако со поддршка на полицијата внимателно се пропуштаат лесните возила, но само по едната страна од коловозот – соопштија од ЦУК.
Претходно, од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираа дека сообраќајот на овој патен правец е во прекин од 08:15 часот, во близина на бензинската пумпа кај селото Скачковце.
Според првичните информации, забраната за движење важеше за сите видови моторни возила, поради сообраќајна незгода во која товарно возило излетало од патот.
На фотографијата што ја пренесуваат повеќе медиуми се гледа дека камионот е испречен на коловозот и го попречува сообраќајот.
Засега нема официјални информации за причините за незгодата, ниту за тоа дали има повредени лица.
Сообраќајната незгода се случила во услови на снежни врнежи и зимски услови на патиштата. Поради снегот, на одделни патни правци низ државата се воведени и забрани за движење на тешки товарни возила.
Возачите се повикуваат на зголемена внимателност и приспособување на брзината на движење кон условите на патот.
Несреќата се случила пред селото Скачковце, повредени лица нема.












