сабота, октомври 10, 2026
Дома СВЕТ Зеленски одговори со одмазда на договорот меѓу Трамп и Путин: Нападнат клучен...

Зеленски одговори со одмазда на договорот меѓу Трамп и Путин: Нападнат клучен руски нафтен центар

247
Фото: EPA/SARAH MEYSSONNIER / POOL MAXPPP OUT

Украинските сили нападнаа клучен руски нафтен центар кратко откако Доналд Трамп ги изненади сите со склучување голем договор за увоз на дизел со Владимир Путин.

Веднаш по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин, руските сили започнаа нов напад врз цивили кои спиеле во Запорожје. Загинаа најмалку седум лица – меѓу кои и три девојчиња – десет беа повредени, а 16 се водат како исчезнати. Со ова, вкупниот број на цивилни жртви од руските напади во изминатите три дена достигна речиси 90, пренесува „Дејли мејл“.

Договорот за дизел меѓу Трамп и Путин го шокираше Киев, а украинскиот лидер го обвини американскиот претседател за „слабост“ и за попуштање пред Москва.

Од друга страна, како што пренесува информативниот портал „Аксиос“, Трамп му замерил на Зеленски што ги игнорирал дури шесте негови барања за запирање на нападите врз руските рафинерии – напади што предизвикувале раст на цените на горивото во САД пред изборите за Конгресот.

Дополнителен притисок дојде од советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, кој изјави дека едноиполчасовниот разговор меѓу Трамп и Путин бил толку срдечен што „ниту едната страна не сакала прва да ја прекине врската“. Самиот Трамп навести дека е подготвен да продолжи со комуникацијата со рускиот претседател во текот на ноќта, па и следниот ден, пренесува „Дејли мејл“.

Откако призна дека е изненаден од одлуката на Вашингтон да ги суспендира санкциите за да се овозможи купување руски дизел, Зеленски возврати со контраудар. Во жесток ноќен напад со околу 50 беспилотни летала, украинските сили го погодија клучниот извозен терминал „Југ-Рус“ во Ростов на Дон; објектот преработува нафтени деривати од рафинеријата во Новошахтинск и има годишен капацитет од 3,5 милиони тони. Во објектот избувнаа големи пожари, а оштетен беше и блискиот железнички мост – со што се прекина сообраќајот во двете насоки – додека нападнати беа и два брода во Азовското Море.

ИЗДВОЕНИ