недела, ноември 29, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Инфлацијата го изеде бурекот, сега работниците работат само за ѓеврек и јогурт

Инфлацијата го изеде бурекот, сега работниците работат само за ѓеврек и јогурт

За две години, трошоците за живот пораснале за 8.500 денари, а платите за не повеќе од 3.000 денари. Куповната моќ на граѓаните сè повеќе се намалува, а еден работен час на минимална плата денес вреди околу 150 денари – доволно само за ѓеврек и јогурт. – Ако порано работникот имаше за бурек и јогурт, сега има само за ѓеврек и јогурт, бидејќи инфлацијата го изеде бурекот – предупредуваат од ССМ

1

Инфлацијата го изеде бурекот, а на работниците сега им останува цел час да работат за да заработат колку за ѓеврек и јогурт. Додека цените на храната, сметките и на кириите постојано растат, платите не успеваат да го следат поскапувањето, па граѓаните од месец на месец сè потешко ги покриваат и најосновните животни потреби. Колку е голем јазот меѓу растот на трошоците и примањата, покажуваат и податоците според кои за две години трошоците за живот пораснале за 8.500 денари, додека платите се зголемиле за не повеќе од 3.000 денари.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија посочуваат дека еден работен час на минимална плата вреди околу 150 денари, сума што е доволна само за скромен оброк, но не и за покривање на трошоците што ги има едно семејство.

– Ако ја поделите минималната плата од 26.046 денари на 168 часа, излегува дека еден работен час вреди 150 денари, односно само за ѓеврек и јогурт. Ако порано работникот имаше за бурек и јогурт, сега има само за ѓеврек и јогурт, бидејќи инфлацијата го изеде бурекот. На едно семејство денес му се потребни околу 100.000 денари месечно за да ги покрие основните животни трошоци, без да станува збор за луксуз, одмор или за штедење – изјави Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Тој додава дека ниската куповна моќ се гледа и преку висината на медијалната плата, која, според податоците што ги посочува, се движи меѓу 26.000 и 33.000 денари. Со такви примања, вели Пешевски, работниците се принудени да се откажуваат и од потреби што би требало да бидат дел од нормалниот живот.

Токму затоа ССМ досега бараше минималната плата да достигне 600 евра, но со растот на синдикалната кошничка и на кириите, денешните пресметки покажуваат дека се потребни 800 евра за пристоен живот.

Во услови кога платите сè потешко го следат растот на цените, дополнително се отвора и прашањето за начинот на пресметување и исплата на заработката. Работодавците предлагаат да се пресметуваат платите според одработените часови, со образложение дека на тој начин би се овозможиле поправедна пресметка и поголема флексибилност.

– Сегашниот систем создава разлики во вредноста на работниот час во зависност од бројот на работни денови во месецот. Ако се плаќа по час, пресметката ќе биде пореална, а саатнината ќе биде иста, без разлика на бројот на работни денови во месецот. Имаме сектори во кои платата не варира и е иста, независно од бројот на работни денови и работни часови, што не е правично – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

И од Сојузот на стопанските комори сметаат дека часовната исплата може да овозможи поголема флексибилност и подобра организација на работното време. Сепак, синдикатите предупредуваат дека секоја промена мора да биде проследена со гаранции за минимална заработка, евиденција на работните часови и со соодветно плаќање на прекувремената работа.

Од друга страна, економистите оценуваат дека минималната плата во Македонија сè уште не обезбедува доволно висок животен стандард и дека е потребно нејзино постепено зголемување. Кирил Миноски смета дека при утврдувањето на нејзината висина, мора да се земат предвид не само трошоците за живот туку и продуктивноста и економските можности на компаниите.

– Доколку двајца членови во едно семејство работат за минимална плата, тешко може да се зборува за пристоен живот. Сепак, не би лицитирал со една фиксна бројка, без притоа да се земат предвид трошоците за живот, продуктивноста, медијалната и просечната плата, како и способноста на економијата да го апсорбира зголемувањето – изјави Кирил Миноски за весникот ВЕЧЕР.

Тој посочува дека при зголемувањето на минималната плата, треба да се има предвид и различната економска моќ на компаниите. Големите и профитабилни компании имаат поголем простор за зголемување на платите, додека кај микро и кај малите претпријатија повисоките трошоци може директно да влијаат на ликвидноста и на работните места. Затоа, според него, потребни се целни мерки за поддршка на малите компании, особено преку инвестиции во технологија, продуктивност и во знаењето.

– Висината на минималната плата треба да биде резултат на социјален дијалог, но и на јасни економски критериуми. Со оглед на негативните демографски тенденции и одливот на работоспособното население, Македонија не може долгорочно да се натпреварува со ниски плати, туку со повисока продуктивност, технологија и со знаење. Само така ќе создадеме услови за повисоки плати, поконкурентни компании и подобар животен стандард – посочува Миноски.

Во меѓувреме, работниците продолжуваат секојдневно да пресметуваат како да го истуркаат месецот со примања што сè помалку вредат. Поскапувањето го намалува она што може да го стават во потрошувачката кошничка, а зголемувањето на платите не е доволно за да ја надомести загубената куповна моќ.

Затоа прашањето не е само колку изнесува минималната плата или колку вреди еден работен час туку колку реално може да си дозволи еден работник со својата заработка. А кога за цел час работа може да си купи само ѓеврек и јогурт, станува јасно колку го намалила инфлацијата животниот стандард на граѓаните.

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ