Песните на Славе Димитров не се само мелодии, тие се музички сведоштва на едно време, спомени за младоста, љубовта и радоста. Токму таква, полна со емоции и безвременски хитови кои со иста жар се пеат и денес, беше вечер посветена на човекот чие музичко творештво со децении е вткаено во колективната меморија на македонската публика. Македонскиот композитор, пејач, аранжер и музички продуцент завчеравечер го прослави својот 80. роденден со величествен концерт во Македонската филхармонија, насловен „Од Евридика до Чија си“, настан кој ги обедини генерациите
Музичка вечер за паметење, исполнета со безвременски хитови, силни емоции и почит кон еден од најзначајните автори на македонската забавна музика, Славе Димитров. Македонскиот композитор, пејач, аранжер и музички продуцент завчеравечер го прослави својот 80. роденден со величествен концерт во Македонската филхармонија, насловен „Од Евридика до Чија си“, настан кој ги обедини генерациите. А песните на Славе Димитров не се само мелодии – тие се музички сведоштва на едно време, спомени за младоста, љубовта и радоста. Токму таква, полна со емоции и хитови кои со иста жар се пеат и денес, беше оваа вечер посветена на човекот чие музичко творештво со децении е вткаено во колективната меморија на македонската публика.

За раскошното звучно патување се погрижи Националниот џез оркестар, предводен од маестро Џијан Емин. Со новите оркестарски аранжмани, познатите мелодии добија ново музичко руво, но ја задржаа препознатливата емоција.
На сцената се слушнаа 24 композиции, внимателно избрани да ја раскажат неговата богата музичка кариера. Од песните што ги одбележаа фестивалските сцени, преку телевизиските и филмските музички остварувања, детските хитови, па сè до композициите за возрасната публика, кои и денес се пеат со иста љубов и емоција…


Игор Џамбазов, кој воедно беше и водител на вечерта, со своите најави, приказни и сеќавања, ја водеше публиката низ музичките поглавја од творештвото на Димитров, од фестивалот „Младина 66“, преку фестивалите во Опатија, Загреб, Белград и Скопскиот фестивал…
-Вечерва правиме омаж на еден човек кој никогаш не кокетираше на вулгарен начин со публиката. Тој не сакаше неговите песни да звучат обременети со сува техника, туку го имаше она чувство на едноставност, импресиониран од љубовта како најголемата муза на уметниците“, кажа Џамбазов.
Музичкото патување оваа вечер започна со „Опстанок“, нумерата од истоимената детска телевизиска серија од 1990 во изведба на Националниот џез оркестар.


Следуваше „Евридика“, а потоа „Ти си песна што ќе трае“, композиција изведена на фестивалот во Опатија во 1978 година, „Го слушам твојот глас“, „Чао адио“, од Скопскиот фестивал, и „Денот ми дојде“. Еден од посебните моменти беше и изведбата на „Спроти недела во стариот татков дом“, песна со која Славе Димитров настапил на југословенскиот избор за песна на Евровизија во 1979 година. Особено силни емоции предизвика композицијата „Очи“, создадена во 1974 врз антологиските стихови на македонскиот поет Ацо Шопов, а сега во изведба на Игор Џамбазов. Најавувајќи ја песната „Нежност“ Џамбазов ја раскажа и анегдотата за средбата на Славе Димитров и писателот Блаже Конески, во воз. „Чичко Славе го прашал Конески дали во популарната музика треба да се користи строго литературниот јазик. А тој му одговорил дека може да има отстапки во интерес на мелодијата“. Ја слушнавме и „Делфина“, песната создадена за филмот посветен на животниот подвиг на македонската пливачка маратонка Атина Бојаџи, а на оваа музичка мапа посебно место имаше и песната „Лилјана“… Не изостанаа ниту „Ѕ-ма, ѕ-ма, ѕм“, во изведба на Александар Митевски и Драган Спасов Дац, а „Зелка има кошули триста“ и „Во светот на бајките“ од истоимената ТВ серија, потсетија на богатото творештво на Димитров и за најмладите. Публиката имаше можност да го погледне и спотот за „Ах, таа Тања“, една од најгледаните детски песни на социјалните мрежи.

Кулминацијата се случи на самиот крај, кога на сцената се придружи и маестро Димитров за заедно со сите учесници и со солзи во очите да ја испее „Чија си“. Во тие моменти, границата меѓу сцената и публиката исчезна. Сите пееја заедно, а песната се претвори во голема заедничка прегратка. Аплаузите, емоциите и заедничкото пеење оваа вечер кажаа сè.

Во чест на неговиот богат музички опус, неодамна беше објавена и авторизираната биографија „Чија си“, чиј автор е Максим Ристески, а издавач е „Арс либрис“, во рамките на „Арс ламина – публикации“. Изданието носи приказна за животниот пат, музичката кариера и творечкото наследство на Димитров, а се појавува во годината кога се навршуваат 80 години од неговото раѓање и 55 години од првото јавно изведување на легендарната „Чија си“. (Д.Т.)
Фото: П. Стојановски












