Забрзувањето на изградбата на автопатот Прилеп – Битола ќе овозможи отворање на околу 1.200 нови работни места за градежни и за сообраќајни инженери, геодети, технички и лабораториски кадар, оператори на градежни машини, возачи, како и квалификувани и неквалификувани градежни работници. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на саемот за вработување во Прилеп, организиран од компанијата „Бехтел и Енка“.
Според Николоски, проектот претставува значајна можност за жителите на Пелагонискиот Регион, особено за младите што завршиле градежништво или архитектура, но и за сите квалификувани и неквалификувани работници што бараат вработување.
– Со забрзувањето на динамиката на изградба на автопатот Прилеп – Битола, се отвораат околу 1.200 нови работни места, што претставува огромна можност за целиот Пелагониски Регион. Покрај можноста за вработување, работниците ќе имаат можност да стекнат искуства и знаења што ретко се добиваат, бидејќи автопат не се гради секој ден. Се бараат градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лабораториски кадар, оператори на градежни машини, возачи, како и квалификувани и неквалификувани градежни работници – изјави Николоски.
Тој посочи дека саемот за вработување ќе трае неколку дена и ги повика граѓаните од Прилеп и оод околните општини да ја искористат можноста за вработување во рамките на проектот.
Николоски нагласи дека „Бехтел и Енка“ е меѓу компаниите со највисок просек на исплатени нето-плати во земјава. Според податоците што ги презентираше, просечната месечна нето-плата во компаниите во 2025 година изнесувала 137.000 денари, додека најниската плата била над 60.000 денари.
– Зборуваме за исклучително добро платени работни места. Би сакал да ги мотивирам жителите на Прилеп, но и на Могила, Новаци, Росоман, Кривогаштани, Крушево, Демир Хисар, Ресен и на Битола, да аплицираат и да го најдат своето работно место. Во наредните три години ќе има интензивни активности на проектот – истакна Николоски.
На саемот, заедно со претставниците на „Бехтел и Енка“, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, и пратеници, беа презентирани можностите и условите за вработување, како и планираната динамика на изградбата на автопатот Прилеп – Битола.












