недела, ноември 29, 2026
Дома СКОПСКА Скопје излегува од две и влегува во трета димензија

Скопје излегува од две и влегува во трета димензија

Скопје наскоро ќе добие современ тридимензионален дигитален модел, кој треба да овозможи попрецизен увид во објектите, теренот и урбаниот простор. Проектот на Агенцијата за катастар на недвижности е во завршна фаза, а по неговото финализирање моделот ќе биде достапен за јавноста

0

Главниот град влегува во нова фаза на дигитализација на просторните податоци. Агенцијата за катастар на недвижности работи на изработка на современ 3Д модел на Скопје, кој се создава преку интегрирање на податоците добиени од LiDAR снимањето, катастарот на недвижности и најновото ортофото снимање.

Станува збор за технолошко решение што треба да овозможи тридимензионален приказ на градскиот простор, со повеќе детали и попрецизни просторни информации отколку кај традиционалните дводимензионални мапи.

Од Катастарот посочуваат дека примената на 3Д моделирањето ќе придонесе за поквалитетно урбанистичко планирање, поефикасно управување со просторот и инфраструктурата, како и за попрецизни анализи на теренот. Дополнително, дигиталниот модел треба да овозможи поголема транспарентност на пазарот на недвижности и полесен пристап до просторните податоци за граѓаните, институциите и компаниите.

Особено значајна е примената на LiDAR технологијата, која со помош на ласерски импулси овозможува собирање прецизни тридимензионални податоци за површината на земјата и објектите. Во комбинација со катастарските податоци и ортофото-снимките, овие информации создаваат детална дигитална слика за просторот.

Од Агенцијата најавуваат дека 3Д моделот на Скопје ќе биде ставен на располагање на јавноста по завршувањето на проектот. LiDAR не е само технологија за фотографирање. Станува збор за ласерско скенирање со кое се добиваат многу прецизни просторни податоци. Од нив може да се изработат дигитални модели на теренот и површината, вклучително и објектите.

Технологијата има примена во урбанистичкото планирање, инженерството, заштитата на животната средина и управувањето со кризни ситуации.

Очекувањата се дека достапноста на ваквите податоци ќе им помогне на стручните служби, урбанистите, инвеститорите и граѓаните полесно да доаѓаат до релевантни информации за просторот во кој живеат и работат.

По завршувањето на проектот за Скопје, следниот град за кој е предвидена изработка на современ 3Д модел е Охрид. Градот веќе има искуство со 3Д дигитализација. Во периодот 2023–2024 година, во рамките на проект поврзан со заштитата на културното наследство, беа снимени 32 локации и изработени 3Д модели и ортофотографии. Создадена е и веб-ГИС база за културното наследство и археолошките локалитети во регионот. Сепак, ова е посебен проект, различен од најавениот 3Д модел на градот од Катастарот.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ