Незаборавна вечер исполнета со многу емоции, силни вокали, позитивна енергија и одлична музика донесе „Некст тајм“ на концертот одржан во петокот, во Скопје.

„Некст тајм“ настапи пред својата долгогодишна верна публика, која ја исполни арената „Борис Трајковски“ (Т-арена), по повод одбележувањето 18 години од својата музичка кариера.

Бендот приреди вистински музички спектакл, а посетителите беа пријатно изненадени од веселиот дух, позитивната атмосфера и од одлично расположената публика, која пееше заедно со нив од првиот до последниот момент. Буквално сè беше беспрекорно – од музичката изведба и изборот на песни до атмосферата во салата.

Обожавателите на бендот уживаа во неговите стари поп-рок хитови како „Нешто што ќе остане“, но и во неговата најнова авторска балада насловена „Години“, а особено во преработките на македонските традиционални песни како „Ја излези, Ѓурѓо“, „Зајди, зајди“, „Налеј, налеј“.

И покрај тоа што дел од посетителите, можеби, беа скептични во поглед на репертоарот, „Некст тајм“ уште еднаш покажа дека има што да понуди. Неговите одлични преработки на стари македонски песни, кои носат особена емоција и нè потсетуваат на богатото македонско музичко наследство, но и неговите неколку големи хита, беа вистинско уживање за публиката. Особено убаво беше да се види како уживаат различни генерации во музиката, пеат заедно и ја споделуваат истата енергија.

Браќата Мартин и Стефан Филиповски, со своите моќни вокали, харизма и препознатлива сценска енергија, успеаја да создадат атмосфера за паметење. Публиката ги награди со аплаузи, насмевки и со громогласно пеење, а секоја песна беше проследена со посебна емоција.

За да биде вечерта совршена, како еден од специјалните гости, на сцената им се придружи Антонија Гиговска, која, исто така, остави моќен печат.

Ни овој концерт не помина без заеднички настап со композиторот и клавијатурист Никола Мицевски, нивни долгогодишен соработник, кој со особена чест ја дели сцената со нив, на нивните концерти во живо.

Вториот дел од вечерта донесе вистинска магија на сцената со заедничкиот настап на групата „Синтезис“.

За публиката дојдена на концертот, ова беше одлична вечер што ги надмина очекувањата, ги освои присутните и остави силен впечаток кај нив. Вечер во која музиката, позитивната енергија и љубовта кон македонската песна беа во прв план. Вистинско уживање и концерт за долго паметење!

Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ