Пакетот од 372.742 обични акции на Алта банка АД Битола, кој обезбедува 95,336 отсто од сопственоста во Банката, денеска ќе биде понуден на јавна берзанска аукција. Почетната цена е 3.777 денари за акција, односно вкупно околу 1,4 милијарди денари или 22,9 милиони евра. Продавач е Народната банка на Македонија, а продажбата ќе се спроведе според моделот „сè или ништо“, што значи дека предмет на наддавање е целиот пакет акции, а не негови делови.
Според објавата на Македонската берза, наддавањето ќе се одвива во периодот од 14:15 до 15:15 часот, а доколку денеска попладне не биде склучена трансакција, аукцијата ќе продолжи и утре, како и на 2, 3, 4 и 7 декември. Условите предвидуваат секој нареден ден почетната продажна цена да се намалува за 10 отсто во однос на цената од претходната аукција. Тоа значи дека евентуалното отсуство на купувач на првото наддавање ќе отвори простор за постепено намалување на цената на мнозинскиот пакет.
Продажбата ќе се реализира со плаќање во готово, а заинтересираните купувачи ќе мора претходно да имаат согласност од Извршниот одбор на Народната банка за стекнување квалификувано учество во Банката, согласно со Законот за банките. Дополнително, потребно е да достават писмена изјава дека ќе ги уплатат средствата за купување на акциите. Порамнувањето на трансакцијата е предвидено на вториот работен ден по нејзиното склучување.
Засега, Комерцијална банка е единствената банка што официјално ја потврди заинтересираноста за преземање на пакетот. Нејзиното учество на аукцијата би значело влез во процес во кој не се продава само сопственички удел туку и контролата врз финансиска институција чие прашање во изминатиот период беше проследено со политички препукувања, институционални постапки и обвинувања меѓу власта и опозицијата.
Од српски сопственик до администрација на Народната банка
Продажбата е директна последица на кризата што ја зафати матичната Алта банка во Белград, која поседува 95,336 отсто од акциите во битолската банка. На 1 ноември 2026 година, по одлуката на надлежниот супервизорски орган во Србија за одземање на дозволата за работа на Алта банка Белград и утврдувањето услови за поведување стечајна постапка, Народната банка на Македонија ја повлече претходно издадената согласност за квалификувано учество на српската банка во македонската финансиска институција.
Со тоа се отвори прашањето за иднината на сопственоста, но и за управувањето со банката во Битола. Народната банка воведе администрација, при што нејзини претставници ги презедоа надлежностите на Управниот и на Надзорниот одбор, како и на Собранието на акционери, со исклучок на одлучувањето за зголемување на капиталот. Мерката беше образложена како начин за заштита на имотот на Банката, штедачите и на доверителите, во услови кога нејзиниот доминантен акционер се соочува со сериозни проблеми во Србија.
Важно е да се направи разлика меѓу состојбата на двете банки. Алта банка Белград е банката на која ѝ е одземена дозволата за работа, додека Алта банка Битола не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата. Народната банка посочи во јавните објаснувања дека македонската банка продолжува да работи, а воведувањето администрација е последица на проблемите со сопственикот, а не автоматска потврда дека и самата банка е несолвентна. Гувернерот Трајко Славески, исто така, тврдеше дека билансот на Банката е здрав и солиден.
Народната банка не настапува како сопственик на акциите
Случајот брзо се претвори во тема за меѓусебни обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, при што двете партии се обидуваат одговорноста за влезот на српскиот капитал во македонскиот банкарски систем да ја префрлат на политичкиот противник.
Политичките обвинувања добија институционална сцена на 11 ноември, кога во собраниската Комисија за финансирање и буџет се одржа надзорна расправа за Алта банка. Една од најважните дилеми беше дали Народната банка има право директно да ги продава акциите што се во сопственост на Алта банка Белград, особено затоа што над српската банка е поведена стечајна постапка. Вицегувернерката Ана Митреска објасни дека повлекувањето на согласноста за квалификувано учество не значи автоматско одземање на сопственоста на акциите. Според неа, Законот за банките предвидува постапка во која на акционерот, односно на стечајниот управник во конкретниот случај, му се остава рок да ги продаде акциите. Доколку тоа не се случи, Народната банка добива овластување да ја спроведе продажбата, со цел заштита на интересите на доверителите и штедачите.
Ова објаснување на вицегувернерката е важно и за актуелната аукција, бидејќи покажува дека Народната банка не настапува како сопственик на акциите, туку како институција што ја спроведува законски предвидената постапка за нивно отуѓување.
Во расправата се отвори и прашањето за финансиската состојба на самата банка. Привремениот администратор Илија Андовски презентираше податоци според кои, непосредно пред воведувањето на администрацијата, стапката на адекватност на капиталот била над 26 проценти, ликвидната актива учествувала со околу 40 проценти во вкупната актива, а стапката на покриеност на ликвидноста изнесувала околу 566 проценти. Овие показатели беа наведени како аргумент дека проблемот со кој се соочува Алта банка Битола е пред сè поврзан со нејзиниот доминантен сопственик, а не со автоматски утврдена несолвентност на македонската банка.
Сепак, беше посочена и загуба од околу 48 милиони денари во третиот квартал, која според објаснувањето на администраторот била поврзана со инвестиции во ИТ-инфраструктура, дигитални канали, нови вработувања и оперативни трошоци.
(С. Бл.)












