вторник, јуни 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Четири управители на станбени згради останале без лиценца

Четири управители на станбени згради останале без лиценца

71

На четири правни субјекти, управители на станбени згради, им биле одземени лиценците при вонредна периодична проверка за исполнувањето на условите врз основа на кои претходно им биле издадени, со барање на податоци.

Од Регулаторната комисија за домување (РКД) соопштија дека целта на вонредната периодична проверка била добивање податоци за постапување, во согласност со член 42 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување, според кој, управителите на станбени згради беа должни, најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, да го усогласат своето работење согласно со неговите одредби.

Со извршената проверка биле опфатени правни лица – управители на станбени згради со седиште во повеќе градови во државата, меѓу кои Скопје, Охрид, Прилеп, Тетово, Гостивар, Струмица, Штип, Битола, Кичево, Велес, Куманово, Кочани и Кавадарци.

При проверката е констатирано дека 62 правни субјекти го имале усогласено своето работење.

– Кај 4 управители, од кои 3 се со седиште во Скопје и една во Струмица, констатирани се неправилности, недоставени податоци или неисполнување на обврските утврдени со закон. Еден од управителите со одземени лиценци не извршувал дејности над кои ние, како комисија, имаме надлежност повеќе од 6 месеци наназад и со тоа свесно се откажале од управувањето. Две од правните лица управители, по одземањето на лиценците, комплетно си ги завршиле своите обврски, согласно со Законот за домување, во поглед на враќање на средствата од резервен фонд и изготвување завршни финансиски извештаи – изјави Никола Затуроски, претседател на Регулаторната комисија за домување.

Според последните податоци на РКД, во државава, вкупно 8.053 станбени згради се управувани од страна на управител или на заедница на сопственици. Со лиценцирани управители се 5.600 објекти, со договори за вршење управувачки услуги со вкупно 135.338 посебни делови, односно станови и деловни простории. Податоците од Централниот регистар, пак, покажуваат дека до средината на декември минатата година има 2.453 активни регистрирани заедници на сопственици.

 

ИЗДВОЕНИ